Македонија
(Водео) Попова: Граѓаните ќе бидат оштетени со продажбата на градската куќа

Постапката по која се спроведува продажбата на градската куќа ги потврдува нашите сомневања дека зад неа се кријат можности за криминални интереси и дека дефинитивно граѓаните на Скопје ќе бидат оштетени. Се потврди и дека работната група која Шилегов ја најави и требаше да обезбеди транспарентна постапка претставува само фасада која треба да ги покрие криминалните интереси на градските моќници, изјави Ирена Попова, советник во Советот на Град Скопје.
„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија учествувавме во работата на таа работна група во која од Шилегов и Градот Скопје побаравме: прво, увид и копија од документација за тоа колку е потрошено досега за изградба на градската куќа. Второ, отворање на градската куќа на увид на јавноста. Трето, стопирање на постапката и јавна расправа.Четврто, стручна комисија од архитекти кои ќе ги проценат просторните можности на објектот.
Ниту едно од овие наши барања не беше исполнето. Значи Шилегов крие колку до сега е потрошено за градската куќа, не сака да се даде на увид на јавноста, се плаши од јавна расправа и не сака стручна проценка на просторните можности. Сето ова го одбива за да се спроведе криминалниот интерес“, додаде таа.
Според неа, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде алиби за криминалите на градот и нема да учествува во работата на работната група и легитимирањето на ваквиот сомнеж за криминал.
„Оправдани се нашите стравувања дека однапред се знае купецот и дека најоштетени ќе бидат скопјани. 2 години Шилегов, 2 години криминал, лаги и измами“, изјави Попова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Пожарите беа цел на група на лица кои не и мислат добро на Македонија, СДС освен што е некрофилска е и пироманска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Пожарите кои беа чести изминатава недела, беа организирани од група на лица кои не и мислат добро на Македонија, СДС освен што е некрофилска е и пироманска. За среќа, оваа слика исчезна со брзата реакција на Владата и институциите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прашањето е дали оваа група на луѓе, која палеше низ државата, имаше за цел да создаде хаос низ Скопје и Македонија?
Прашањето е сосема легитимно, бидејќи на местата на пожарите беа најдени дрва, бензин, гуми, ракавици. Ова не е случајно, туку намерно.
Добро е што институциите веднаш ги реагираа и приведоа неколку лица, кои ги започнале пожарите, но жално е што овие лица се поврзуваат со опозицијата, односно СДС и ДУИ.
Дали СДС и ДУИ посегнаа по најлошото средство за дестабилизација и паника низ државата? Нам ова не не чуди, но е за секаква осуда. Да се посегне по палење на државата и опозицијата да се сити на истото е крајно безобразно и е кривично дело.
Ако ова и била намерата на опозицијата, веднаш треба да одговараат. За среќа, спремноста на кадарот, брзата реакција на институциите и опремата која благодарение на претседателот Мицкоски е ставена во употреба го прекина овој хорор“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Коридорот 8 се гради со забрзано темпо

„Еден по еден, проблемите можат да се решат, треба да се решат и ќе се решат! Тоа е ангажманот на ВЛЕН, а овој ангажман доби конкретна форма со пуштањето во употреба на дел од автопатот Кичево–Охрид, како дел од Коридорот 8, еден од најстратешките проекти за развој на државата“, велат од „Влен“.
„Овој капитален проект, кој со години стагнираше и стана симбол на институционална неспособност и сомнежи за злоупотреби, денес конечно се движи напред – со ново темпо, без сомнежи, без застои и со целосна транспарентност, затоа што сега ВЛЕН е на власт.
Коридорот 8 не е само автопат. Тој е столб на економскиот развој, регионалното поврзување и европската интеграција на Република Северна Македонија. Тој директно ќе придонесе за зголемување на протокот на луѓе и стоки, олеснување на транспортот и поттикнување на туризмот и трговијата.
Со овој нов автопатски сегмент, кој значително го скратува времето на патување до границата со Република Албанија, инвестицијата се претвора во конкретна придобивка за граѓаните. А ова е само почетокот.
Зашто нашите граѓани, сите ние, заслужуваме, и ќе имаме, европска инфраструктура, тука, во нашата земја.
ВЛЕН останува цврсто посветен на унапредување на секој важен проект, обезбедувајќи ефикасност, одговорност и правична распределба на развојот – за сите граѓани, во секој дел од државата“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
„Охридско лето без албанска култура, уште еден доказ за систематска исклученост“, велат од ДУИ

„Оваа година, државната манифестација „Охридско лето“, финансирана од јавните институции на земјата, се одвива без никакво претставување на албанската култура во официјалната програма. Во една држава каде Албанците претставуваат значаен дел од населението и културниот живот, целосното исклучување на секој албански елемент од еден национален фестивал е неприфатливо и загрижувачко“, велат од ДУИ.
„Официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европски култури, но ниту еден музички настан, театарска изведба или изложба не ја претставува богатата албанска културна традиција. Оваа културна тишина е сама по себе исклучувачка порака и доказ дека пристапот кон албанската култура во државните институции не е застапен, туку маргинализиран.
Иронично, фестивалот беше отворен во присуство на Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, но ниту тоа не беше доволно за организаторите да размислат за вклучување на албанскиот јазик и култура во програмата. Не само што нема никакво претставување на албански уметници, туку целосно недостига секоја точка што би го одразувала идентитетот, традицијата или современото творештво на Албанците во Северна Македонија.
Албанската култура е и треба да биде природен дел од секоја културна манифестација од национално ниво. Нејзиното отсуство од ваква манифестација не е организациско прашање, туку показател на исклучувачка политика што се вкоренува во институционалниот систем на културата.
Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за овој исклучувачки пристап и ги повикува одговорните институции да дадат објаснување за ова целосно игнорирање. Владата, Министерството за култура и раководството на фестивалот треба да сносат одговорност за недостигот на претставување на една од главните заедници во оваа земја, не само на јазик, туку и во духот, уметноста и идентитетот.
ДУИ ќе продолжи да го брани културниот диверзитет и, во неговата рамка, достојното претставување на албанската култура на сите институционални нивоа, со убедување дека културата не е средство за исклучување, туку столб на соживотот и општествениот развој“, се наведува во соопштението на ДУИ.