Македонија
(Видео) Заев ги повика италијанските бизнисмени да инвестираат во земјава
Премиерот Зоран Заев денеска на покана на премиерот Џузепе Конте ја посети Република Италија.
„Дозволете прво до граѓаните, големи пријатели на Република Италија, да се заблагодарам во името на нашиот македонски народ за ратификацијата на протоколот од НАТО којашто ја направивте преку вашиот парламент за што сме ви многу благодарни, ние ќе бидеме 30-та земја членка и преку тоа го зајакнуваме и нашето партнерство со Република Италија. Секако сакам да му се заблагодарам најмногу на премиерот Конте за поканата за денешната средба која доаѓа во момент кога ни треба поддршка на нашиот евро-атлантски пат. Голема благодарност и во име на граѓаните на Северна Македонија, до премиерот Конте за неговата голема и постојана поддршка за нашата интеграција во ЕУ.
Тој тоа на дело го покажа на Европскиот совет на 17 и 18 октомври оваа година, а оваа средба докажува дека тој продолжува со искрените напори за донесување вистинска одлука во наредниот период за нашата земја. Ние тоа високо го цениме, а Италија и премиерот Конте ги сметаме за незаменливи партнери и пријатели на Република Северна Македонија и на целиот Западен Балкан“, рече Заев.
Според него, по одлуката на Европскиот совет од овој месец, нашите граѓани почувствуваа разочараност и неправда. Ова чувство го сподели и речиси целата Европска Унија и нејзините држави членки. Многумина коментираа дека се случи историска грешка. Таа историска грешка има време и начин да се исправи во наредниот период и ние сме подготвени заедно со партнерите од ЕУ да работиме на тоа. Примарната цел на сите наши напори во реформите и во решавањето на споровите со соседите за градење добрососедски односи е да ја направиме нашата држава современа, просперитетна и европска демократија. Нашата цел е принципиелна и легитимна, сакаме јасна и неоспорена европска перспектива како идна држава членка на ЕУ, по исполнување на сите неопходни услови.
„Во овој момент, какви било алтернативни или експериментални идеи како евентуална замена за членството во ЕУ можат да бидат опасност за стабилноста и за напредокот на Западниот Балкан. Државите од Западен Балкан се опкружени од држави членки на ЕУ и ние сме внатре како остров во ЕУ, тие немаат друга подобра иднина освен членството и реинтеграција таму каде припаѓаме – во Европската Унија. Тоа го знаат и нашите граѓани кои во висок процент од 85% сакаат и очекуваат членство во ЕУ.
Ние сме целосно согласни дека процесот на преговори треба да биде зајакнат, поефикасен, посуштински и да овозможува реверзибилност кога за тоа има потреба. Но исто така сме убедени дека процесот на реформи на методологијата за преговори и на иднината на ЕУ можат и мораат да течат паралелно со почетокот и текот на преговорите со Северна Македонија и другите држави во регионот. Најдобро за нас и најдобро за ЕУ е да има жив, активен процес кој ќе ни помогне во реформите кои и така сме решени да ги правиме во наш интерес.
Се надеваме дека дискусијата за новата методологија и за почеток на преговори со Северна Македонија до Самитот во Загреб следната година ќе се заокружи во интерес на сите“, додаде премиерот.
Заев ги истакна добрите билатерални односи помеѓу двете земји. „Италија е наш стратешки партнер, голем пријател, имаме одлична трговска размена. Како што кажа и премиерот Конте, во 2018 имавме 650 милиони евра трговска размена која е за 13% поголема од 2017, додека само првото полугодие на 2019 е 373 милиони евра, значи оваа година ќе имаме над 700 милиони евра трговска размена помеѓу нашите две земји. Сакам да ја искористам шансата да упатам порака до италијанските деловни луѓе, да ја чувствуваат Северна Македонија како своја земја, да дојдат, да инвестираат, да најдат начин да ги прошират бизнисите, тоа ќе е добро за италијанскиот народ, но секако и за македонскиот народ“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

