Македонија
Се намалуваат сообраќајните казни и ќе изнесуваат од 15 до 250 евра

На денешната седница Владата усвои предлози и измени на серија закони од надлежност на Министерството за внатрешни работи заради усогласувањето со претходно донесениот Законот за прекршоци. Со овие усогласувања во делот на казнената политика во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвидени значителни намалувања на казните и тие ќе изнесуваат од 15 до 250 евра како највисока граница, освен за животнозагрижувачки прекршоци кои остануваат исти и се укинува мандатниот платен налог, односно сите платни налози ќе бидат прекршочни.
Освен казнените одредби, се уредува и учеството на електричните тротинети во сообраќајот со цел да бидат заштитени оние кои управуваат со нив, но да бидат заштитени и граѓаните со одредби кои значат определување на место на движење на тротинетите, возрасната граница за управување со овој тип возила, како и обврската за користењето заштитни средства.
Од другите измени се издвојуваат продолжувањето на рокот на важење на возачката дозвола за повозрасните возачи од 70 на 75 години, како и мерката времено одземање на возило кое предизвикува голема бучава и го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.