Свет
Анкара го повика американскиот амбасадор поради санкциите од Конгресот за ерменскиот геноцид

Турското МНР го повика американскиот амбасадор Дејвид Сатерфилд кога американските законодавци го признаа и го осудија геноцидот врз Ерменците од страна на Отоманската Империја што почна во 1915 година, пренесува „Анадолија“.
Коментирајќи го потегот, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја нарече одлуката срамна и нагласи дека законодавците ја искористуваат историјата во политиката.
Американскиот Претставнички дом исто така го одобри и нацрт-законот за воведување санкции за Анкара поради офанзивата во Сирија. Според спикерот на Домот, Ненси Пелоси, Вашингтон ја смета Турција за одговорна за злоупотреби на човековите права, вклучително и напад врз американските курдски партнери.
Сега законот за санкции ќе се пресели во горниот дом на американскиот Конгрес, но не е јасно дали сенаторите ќе го поддржат.
Чавушоглу, пак, изјави дека одлуката е во спротивност со договорот за прекин на огнот постигнат од двете земји на 17 октомври. Вашингтон и Анкара се судрија дипломатски кога Анкара ги нападна курдските борци поддржани од САД за време на својата операција во северна Сирија со цел да се создаде т.н. безбедна зона во регионот.
Американските трупи потоа се повлекоа од областа и курдската милиција мораше да напушти некои територии. Тие потоа склучија договор со Дамаск за да ја спречиат турската офанзива. Вашингтон воведе санкции кон Анкара за операцијата, но по прекинот на огнот, за кој преговараше потпретседателот Мајк Пенс, претседателот Доналд Трамп ги откажа ограничувањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.
Свет
Иран: Разговорите во Женева беа сериозни и достоинствени, подготвени сме да продолжиме

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша денешните разговори во Женева со претставници на Обединетото Кралство, Германија, Франција и Европската Унија како „сериозни и достоинствени“.
Во изјава по состанокот, тој рече дека Иран е подготвен да го преиспита дипломатскиот пристап и го поддржува продолжувањето на разговорите.
„Подготвени сме за нови состаноци со земјите од Е3 и Европската Унија во блиска иднина“, рече Арагчи.
Така, Иран ја отвори вратата за понатамошна дипломатија откако сите учесници на денешните разговори во Женева, одржани со цел да се спречи ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, ја нагласија важноста од продолжување на дијалогот и спречување на регионалното ширење на конфликтот