Македонија
МТСП: Со воведување управување со случај во центрите за социјални работи обезбедуваме полесен пристап до социјалните услуги за граѓаните

Министерството за труд и социјална политика ја спроведува втората фаза од обуките за водење случај и документација, кој е нов метод на работа предвиден со социјалната реформа и во пракса треба да профункционира кон крајот на годинава. Во обуките се вклучени 650 вработени од сите центри за социјални работи и Агенцијата за вработување.
„Воведувањето на управуавњето со случај и новата документација се дел од севкупната реформа на системот на социјалната заштита, со кој корисникот и неговото семејство се во центарот на вниманието и нивните индивидуални потреби ќе бидат основа за обезбедување на правата и услугите што се предвидени во новиот Закон за социјалната заштита. Дoполнително, со овој принцип на работа се зајакнува соработката помеѓу центрите за социјална работа и центрите за вработување преку активацијата на корисниците на ГМП, каде што со координирана и заедничка акција ќе понудат мерки и активности за зголемување на вработливоста и како крајна цел вработување на корисниците на правата од социјална заштита, со што трајно треба да излезат од кругот на сиромаштијата“, наведува МТСП.
Од Министерството додаваат дека како дополнителна поддршка на новиот метод на работа на центрите за социјална работа, а во насока на поголема пристапност и достапност до правата и услугите од социјалната заштита, односно сервиси блиски до граѓаните се отвораат и општински канцеларии за социјална работа во сите 80 општини во државата. Истовремено, како што велат, тече јавниот повик до општините за пројавување интерес за развој на социјални услуги во локалните заедници за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра од заем на Светската банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.
Македонија
Се асфалтира нова улица во населба Драчево

Се врши целосно асфалтирање на нова улица во населбата Драчево, која за првпат овозможува директно поврзување меѓу две значајни сообраќајни артерии – улиците „Румена Хаџипанзова“ и „Киро Фетак“.
Се работи за делница во должина од околу 900 метри, која претставува важно логистичко и сообраќајно олеснување за жителите на Драчево, но и за сите кои секојдневно се движат низ овој дел на општината.
Со ова поврзување се овозможува побрз и побезбеден проток на сообраќајот, подобра комуникација помеѓу урбаните целини, но и значително намалување на сообраќајниот метеж во овој дел на Кисела Вода.
– Со ова ново поврзување меѓу улиците “Румена Хаџипанзова” и “Киро Фетак”, правиме сериозен чекор напред во унапредувањето на сообраќајот во Драчево. Овој зафат е само уште еден доказ за решеноста на локалната самоуправа да ја трансформира Кисела Вода во модерна урбана средина со целосно решена инфраструктура и поквалитетен живот за сите нејзини жители-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Кривични пријави за директори на училишта во Берово за злоупотреба на превозот за ученици

Полицијата поднесе кривични пријави против двајца директори на училишта во Берово поради незаконски избор на фирми за превоз на ученици.
Поднесена е кривична пријава против Д.П.(64) од с.Владимирово, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Пријавената, како директор на средно училиште во Берово, при преземање на службени дејствија, јавна набавка за превоз на ученици за учебната 2023/2024, потпишала договор со правен субјект од Пехчево за цена повисока од реалната на пазарот, односно за цена која е двојно и повеќе поскапа и понеповолна од месечната карта на истата релација и на тој начин го оштетила буџетот на училиштето за околу 560.000 денари“, соопшти полицијата.
Исто така, поднесена е кривична пријава против С.К.(52) од с.Русиново, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Пријавениот, како директор на средно училиште во Берово, при преземање на службени дејствија, јавна набавка за превоз на ученици за учебната 2022/2023 потпишал договор со правен субјект од Пехчево за цена повисока од реалната на пазарот, односно за цена која е двојно и повеќе поскапа и понеповолна од месечната карта на истата релација и на тој начин го оштетил буџетот на училиштето околу 611.000 денари“, соопшти полицијата.