Македонија
Се зголемува капитацискиот бод за сите матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, на денешната прес-конференција, на која се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче, и директорите на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев и Орхан Рамадани, информира дека вредноста на капитацискиот бод за сите избрани, односно матични лекари во примарното здравство, се зголемува 8 денари.
За ова зголемување се обезбедени речиси половина милијарда денари, односно 465 милиони денари од буџетот.
„Парите на граѓаните сега се враќаат кај нив како поддршка за работата на матичните лекари за помотивирани здравствени услуги. Го зголемуваме и надоместокот за приватните специјалисти стоматолози по протетика и орална хирургија. Наместо сегашните 90.000 денари, ќе добиваат 103.000 денари месечно, односно 15 проценти зголемување. Висината на надоместокот на приватните специјалисти ортодонти од 97.000 денари се качува на 111.000 денари месечно, односно приближно 15 проценти зголемување. Има зголемување на надоместокот за сите други приватни специјалисти од другите дејности кои имаат договор со Фондот, и тоа зголемување изнесува околу 15 проценти исто така за што се обезбедени вкупно 62,5 милиона денари“, истакна премиерот Заев додавајќи дека ова е уште едно остварено ветување од програмата на Владата.
Тоа, како што оцени премиерот Заев, е една од мерките заедно со повисоките плати во секундарното и терцијарното јавно здравство и со поголемата вредност на дежурствата, со кои се спречува одливот на медицинскиот кадар од јавното здравство, а граѓаните добиваат подобри и поширок спектар на здравствени услуги.
Зборувајќи за најновата мерка во рамките на реформите во примарната здравствена заштита, министерот Филипче рече дека таа не значи само зголемување на сумата на средства што овие лекари ја земаат, туку и обезбедување поголем број услуги и превентивни мерки што најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните, односно пациентите во нашата земја.
„Овие мерки ќе ги олеснат третирањето и водењето на хроничните болести, кои досега не им беа на располагање во рамките на примарната здравствена заштита“, изјави министерот Филипче, кој им упати благодарност за помошта при реализацијата на најновите реформи на делегацијата на Европската Унија кај нас и на евроамбасадорот Самуел Жбогар за помошта при сеопфатната анализа на здравствениот систем на секундарно и терцијално ниво, на Светската банка за анализата на здравствениот систем во примарното ниво и на Светската здравствена организација, која помогнала во евалуацијата и анализата на искуствата од други земји.
Директорите на ФЗО, Ден Дончев и Орхан Рамадани, се осврнаа на тоа дека покрај подобрување на материјалните и техничките капацитети на матичните лекари во примарното здравство, со најновите мерки се остварува и поголема ефикасност.
„Осигурениците, односно пациентите, ќе добијат квалитетна здравствена услуга уште во ординација. Така ќе се намали потребата за понатамошно упатување. Со тоа ќе се растоварат лекарите и здравствениот систем на секундарно и терцијарно ниво, а се поттикнува превентивата во примарната здравствена заштита“, истакна директорот Ден Дончев.
Директорот Рамадани оцени дека со овие мерки се олеснува и административната работа во примарната здравствена установа, при што ќе биде воведено кодирање, односно шифрарник на услуги на матичните лекари.
„Во Фондот планираме подобрување на методологијата за плаќање на матичните лекари во примарната здравствена заштита преку вреднување на квантитетот и квалитетот на дадените здравствени услуги во согласност со медицина базирана на докази“, рече директорот Рамадани.
Претставниците на Фондот за здравство информираа дека е донесена одлука од 1 ноември годинава да се зголеми и надоместокот за аптеките со кои Фондот има склучено договор за издавање лекови на рецепт од 16 на 18 проценти, а надоместокот за скапите лекови ќе изнесува 180 денари за рецепт.
Оваа мерка, комбинирано со неодамнешното укинување на квотите на аптеките, ќе придонесе кон уште поефикасно, квалитетно и непрекинато издавање лекови на рецепт кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обилните врнежи предизвикаа поплави во повеќе региони, во Кичево евакуирани околу 180 лица
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд заклучно со 12:30 часот, при што се регистрирани поплави и свлечишта во повеќе региони во државата.
Во кичевскиот регион, во текот на ноќта, обилните врнежи предизвикале излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржал состанок во Општина Кичево, по што била организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места во селото Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во селото Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во селото Зелениково (Општина Зелениково), како и поплавено дворно место во населбата Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во гостиварскиот регион пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, за што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.
Македонија
Можни излевања на реките, критична состојба во Полошко, Кичевско и Пелагонија
Управата за хидрометеоролошки работи напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, по обилните врнежи во изминатите 24 часа кои предизвикаа нагло полнење на речните корита. Според најавите, состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на реката Треска, со потенцијално критични точки во селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.
Македонија
Одронот кај село Колари е отстранет
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар целосно е нормализиран претпладне во 10:30 часот, откако екипи на ЈП „Македонијапат“ го отстраниле одронот кај село Колари што го блокираше патот од 5.40 часот изутрината.
На патниот правец село Лисец – Попова Шапка, каде во 05:45 часот изутрината поради врнежи од снег беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси, се работи на проширување на коловозот за нормално одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

