Македонија
(Видео) Интервјуирани од хигиеничар до директор, „Систина“ со втор златен печат за безбедност
По низа проверки на работењето и интервјуа со вработените во болницата, тргнувајќи од хигиеничарите, па сè до директорите, пациентите, медицинскиот и немедицинскиот персонал, тројца ревизори од заедничката интернационална комисија одлучиле клиничката болница „Аџибадем Систина“ да добие втор златен печат за безбедност и сигурност. „Систина“ е прва болница во земјата која во 2016 доби акредитација Joint Commision International (JCI), а годинава доби и реакредитација, што за пациентите значи дека добиваат безбедна услуга тргнувајќи од приемот, дијагностицирањето, третманот, па сè до понатамошната рехабилитација. JCI-стандардите, пак, за вработените значат поголема безбедност во работата и помалку медицински грешки.
„Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ успешно помина низ процес на реакредитација од страна на Joint Commission International и повторно го доби златниот печат, кој гарантира безбедност и сигурност. Во периодот од 14 до 18 октомври Комисијата беше во ревизија на нашата болница. Бидејќи нашата болница е првично акредитирана во 2016 година во април, ова е процес на реакредитација што се одвива на секои три години. Во периодот од 14 до 18 октомври беше спроведена ревизија од страна на Комисијата, која успешно заврши и со која докажавме дека сме болница што работи според строгите стандарди и принципи на Join Commission International, со што се гарантираат безбедноста на нашите пациенти и сигурноста во спроведување медицина и постапки базирани на медицински докази“, вели медицинскиот директор на болницата Љупчо Лековски.
Од болницата велат дека петдневната контрола ги опфатила буквално сите сегменти од работењето. Милена Буџаровска, менаџерка за квалитет во болницата, објасни дека биле опфатени повеќе од 1.000 мерливи елементи во работењето.
„Во процесот на реакредитацијата тројцата ревизори од Joint Commission International, еден доктор, сестра и тим-лидерот, кој по професија е административец, успеаја во болницата во секој елемент да навлезат и да ги проверат строгите критериуми, да направат нивна евалуација на ефективност, вклучувајќи ги комуникациите со персоналот, со вработените, со хигиеничарите, со пациентите, со физичката средина и уште еднаш потврдија дека повеќе од 1.000 мерливи елементи од шестата едиција се имплементирани кај нас. Нашата болница ги исполни сите критериуми и се закити уште еднаш со златниот печат“, рече Буџаровска.
Таа нагласи дека за да може да добијат вистинка слика за работењето, во болницата има можност не само пациентите туку и вработените да остават анонимни забелешки доколку забележат каков било проблем. Забелешките понатаму сериозно се анализираат за подобрување на системот.
Joint Commission International е непрофитна невладина организација со седиште во Чикаго, Илиноис, САД, со строги стандарди за грижата и лекувањето на пациентот. Оваа организација досега има акредитирано приватни и државни здравствени установи во повеќе од 100 држави во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

