Регион
Стотици мажи и жени поврзани со Исламска држава чекаат да се вратат во БиХ
Полициските агенции во Босна и Херцеговина добиле информации дека во три бегалски кампови во Сирија престојуваат стотина мажи и 160 жени и деца кои можат да се поврзат со БиХ и теоретски имаат право да се вратат во земјата, но тоа ќе биде дозволено само доколку се потврди дека навистина станува збор за лица со државјанство на БиХ, изјави министерот за безбедност на земјата, Драган Мектиќ, а пренесе хрватски „Индекс“, повикувајќи се на локални медиуми.
„За неколку десетици од овие луѓе испративме список и замоливме по тој список да се праќаат луѓето за кои овде веќе имаме подготвено кривични постапки“, изјавил Мектиќ.
Тој додал дека нема повеќе информации каква е сега состојбата на овие лица, по турската интервенција во северна Сирија, каде биле и некои од логорите за притвор на борци поврзани со исламистички терористички групи.
Станува збор за мажи против кои претходно се отворени истраги во БиХ и кои се наоѓаат на црвените листи на Интерпол, под сомнение дека сториле кривично дело здружување во терористички групи.
Поради турската инвазија, претходниот план за екстрадиција за девет заробени државјани на БиХ е променет, а министерот сега вели дека во Сараево немаат никакви информации за тоа што се случува со тие луѓе и каде се наоѓаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на Guitar Art денеска собра 1.000 гитаристи на Трг Република во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти на едно место во Србија свирејќи во рокенрол прослава со познати музичари, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на Трг Република. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на Трг Република да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.