Македонија
(Видео) Мицкоски: Во структурите на власта крадат сите, од министер до хигиеничар
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја продолжи акцијата Разговори за обнова на Македонија и оствари средба со жителите на општина Вевчани.
Пред присутните Мицкоски потенцираше дека ветувањата на СДСМ и Зоран Заев дека ќе ги вратат младите во Македонија со таканаречениот план за живот не се остварени.
„Јас разговарав со моите студенти што планираат понатаму во животот по дипломирањето, дали својата иднина ја гледаат тука, во Македонија, дали мислат дека е правично ова што денеска се случува. Најголемиот дел од нив својата иднина, за жал, не ја гледаат тука. Никогаш не била поголема миграцијата, денеска не се пусти селата, денеска и градовите се пусти“, истакна лидерот на опозициската партија.
Тој посочи дека покрај ударот на националните интереси од страна на власта, во Македонија се случува и тотален грабеж, односно како што рече, се краде од хигиеничар до министер.
„Додека ветуваат ограбуваат, набавија тендер и фирми и дадоа 24 дена стара фирма за да може 10.000 евра да книжи за 15 минути. Епа фалкон млазен авион да изнајмат 3.000 евра се плаќа на саат. Ние за 15 минути на некои со 24 дена стара компанија ќе ѝго полниме џебот, всушност им го полниме џебот на оние од врхушката на власт. Ете тоа е она коешто денеска ни се нуди, грабеж на голема сцена, покрај слугувањето, покрај националното понижување, покрај подредената кичма. Се краде од хигиеничар до министер, секој денеска си го бара своето. Зошто? Затоа што гледаат од првиот, ако првиот е по тој спорт сите надоле мислат дека така треба“, нагласи Мицкоски.
Тој на средбата во Вевчани додаде дека многу наскоро доаѓа обнова на Македонија и како што рече, оваа политичка и економска катастрофа ќе заврши на 12 април кога се закажани предвремените парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

