Македонија
Армијата доби нова опрема за атомска, биолошка и за хемиска одбрана
Работиме со полна пареа и капацитетите на Армијата за заштита од специфични закани по безбедноста на државата се развиваат континуирано, рече денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која во касарната „Ѓорче Петров“ изврши увид во тукушто пристигнатата нова опрема за атомска, биолошка и за хемиска одбрана.
Шекеринска посочи дека оваа опрема е исклучително важна како дел од потребите на одбраната, опрема која е донација како дел од програмата „Три-три-три“ на Европската команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави за зајакнување на нашите одбранбени капацитети. Додаде дека ова е првата фаза од донацијата планирана за оваа година, а целосната донација ќе биде комплетирана во текот на 2020 година.
Опремата се состои од заштитни маски и костими, цедила за маски, заштита за нозете, заштитни чизми, боци за воздух за заштитните маски, мегафони за заштитните маски и компресори за воздух, а во рамките на донацијата од почетокот на идната година вклучена е и обука за сите припадници што ќе ја користат опремата.
Министерката Шекеринска рече дека Армијата и државата се подготвени за полноправно членство во алијансата, до кое нè делат само уште три ратификации, од кои две се очекуваат да завршат овој месец, и ратификацијата во Шпанија, која зависи од шпанскиот парламент имајќи предвид дека во таа земја во тек е предизборен период.
„Како Армија, како Министерство за одбрана и како држава покажавме дека сме партнери и идна членка на која алијансата може да смета. Ги следиме препораките за зголемување на издвојувањето за одбраната, ги менуваме законите за одбрана и за служба во Армијата, кои се во собраниска процедура, ги зголемивме не само платите туку и шансите за напредување и за тренинг на припадниците на Армијата и ги решаваме проблемите со кои се соочувале со години“, рече министерката. Потсети дека минатата недела ги посети просториите на нашата држава во седиштето на НАТО во Брисел, простории што ќе ѝ припаѓаат на државата, за кои што ќе имаме целосна одговорност, и изрази очекување подготовките да привршат во почетокот на следната година.
Шекеринска информира дека се прават исклучителни напори за војничката професија да биде уште поатрактивна за младите граѓани, со нова опрема, со голем број можности за обука и со зголемена финансиска инјекција кон Армијата.
„Позитивен беше знакот што минатата година успеавме да примиме речиси 400 нови млади војници, оваа година се надевам до крајот на годината бројката дополнително ќе се зголеми за 250. Вчера можевте да видите дека целосно го решивме прашањето на 97 професионални војници, кои оваа година наполниле 45 години и за сите обезбедивме добри и добро платени места“, истакна министерката и дополни дека тој процес е направен со ист пристап кон сите, без дискриминација, без проблеми и без политика.
Во НАТО, заклучи министерката, ќе влеземе како земја членка која се гордее на своето достигнување и на својот успех и додаде дека сите граѓани се нестрпливи да го видат нашето знаме пред седиштето на НАТО.
„Тоа ќе биде и наш влог во идните генерации, кои очекуваат да им обезбедиме сигурна иднина и да им обезбедиме шанса за повеќе просперитет“, рече Шекеринска.
Министерката изрази благодарност до претставниците на САД за донацијата и порача дека партнерството помеѓу Северна Македонија и САД е вистинско, долготрајно и една од причините зошто државата ќе биде дел од алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

