Вести
Нигерија спроведува избори и покрај исламистичкиот бунт

Нигериската изборна комисија објави во саботата наутро дека се отворени избирачките места за претседателските избори на кои гласачите ќе го изберат идниот шеф на државата во изборниот процес кој се смета за еден од најнеизвесните во историјата на оваа африканска земја, најголем извозник на нафта на континентот.
„Избирачките места се отворени. Запишувањата (за гласање) започнаа“, изјави портпаролот на Независната изборна комисија, Кјоде Идову, пренесоа агенциите.
Гласањето се одвива во две фази, прво официјални лица ги проверуваат запишаните на листата во текот на претпладнето, потоа избирачите мора да се вратат на гласањето, почнувајќи од 13.30 часот по локално време. Избирачките места се затвораат кога и последното запишано лице ќе го даде својот глас. Во цела Нигерија се отворени околу 150 илјади избирачки места, а право на глас имаат 68,8 милиони избирачи.
Нигерија е најголемата африканска економија и една од земјите од континентот со најмногу насилство. Главните кандидати за претседател е актуелниот шеф на државата, христијанин од југот на земјата, Гудлак Џонатан, и муслиманот од северот Мухамад Бухари, на коишто анкетите им предвидуваат мртва трка. Избирачите се силно поларизирани, покажува анкетата на Афробарометар. Идентични по 42 отсто би гласале за двајцата главни кандидати.
Нигерискиот главен град Абуџа е излепен со предизборни плакати. Повеќето се на 57-годишниот Џонатан кој ветува „континуитет“. Неговиот најголем противкандидат, 72-годишниот воен челник, Бухари, пак, во кампањата се прикажуваше како „единствени нигериски спасител“.
На изборите, инаку, се кандидирани вкупно единаесет претенденти, но според сите претпоставки тоа ќе биде трка само меѓу двајца, Џонатан од владејачката Народна демократска партија (PDP) и Бухари од Народниот конгрес (APC), коалиција на три опозициски партии.
Иако владата на Џонатан оствари некои успеси во борбата против радикалната исламистичка група Боко Харам во последните шест седмици, откако ги одложи изборите кои беа предвидени за 14-ти февруари поради стравот на зголемување на насилствата, североисточна Нигерија и натаму продолжува да е многу опасно подрачје. Исламистичките бунтовници кои од почетокот на јануари контролираат 130 населби, потиснати се од сите освен од три округа, тврди нигериската армија. Стравувањата дека насилството ќе влијае врз саботните избори, меѓутоа, и натаму останува.
Нигеријците се познати по тоа што гласаат според верските и географските поделби, Нигерија е најнаселената земја во Африка. Половина од 178-те милиони жители се муслимани и повеќето живеат на северот, а околу 45 отсто се христијани од југот. Пет проценти од населението се припадници на традиционалните африкански религии./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.