Економија
Анѓушев: Лани реализирани над 110 милиони евра инвестиции и отворени над 2100 работни места

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, одржаа прес конференција за одлуките на Владата во врска со склучување на договори со 171 домашна компанија кои аплицирале за користење на мерките по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто е донесен во мај 2018 година.
Вицепремиерот Анѓушев потсети дека оваа година се извршени измени и дополни на Законот за финансисика поддршка на инвестициите со кои е зголемен опфатот на компании кои имаат можност да аплицираат за државна поддршка согласно Законот. Сега, за мерките од овој Закон, може да аплицираат и компаниите од ИТ индустријата, компании кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи и не добиваат поддршка од ИПАРД програмата, градежни компании кои реализираат инвестиции во производствени процеси, како и сите други компании кои инвестираат во производство, без разлика како се регистрирани. Оваа година вкупно се донесени одлуки за потпишување на договори со 171 компанија, што е речиси двојно повеќе од 2018 кога тој број изнесуваше 97, додека вкупните инвестиции кои овие компании ги наведуваат во своите бизнис планови за наредниот период до 5 години надминуваат 230 милиони евра и предвидуваат вработување на околу 4500 лица.
„Во 2019 година, како никогаш досега, издвоени се средства од буџетот за поддршка на економијата и тоа во висина од 55 милиони евра, кои ако се споредат со претходната година кога изнесуваа од 40,7 милиони евра, претставува раст за 37%. Не сакам да споредувам со тоа што било поддржано директно во компаниите претходните години, особено во македонските компании каде што поддршката до 2017 година беше 0 или многу мала, односно занемарувачка, претставена преку мали програми, но не вака интензивна и рамноправна за сите компании во нашата држава без разлика дали се домашни или странски.
Сето ова, сета оваа индустријализација, сите овие ефекти од овој закон предизвикаа раст на БДП од 3,6% во првата половина од годината, односно раст од 4,1% во првиот квартал на 2019 и раст од 3,1% во вториот квартал на годинава, а очекуваме и во третиот квартал исто така добри бројки.
Воедно, ако се спореди периодот од јануари до септември 2019 година во споредба со истиот перид во 2018 година, бележиме раст од 5,6% на индустриското производство од кои само во последните месеци се гледа забрзан раст и тоа во август 2019 наспроти август 2018 година – 9,8% и септември 2019 наспроти септември 2018 година – 6,1%. Извозот од државата расте со стапка од 14%, невработеноста како резултат на ова, се разбира, паѓа. Се вработија 54.000 граѓани во овие две години и невработеноста падна на најниските 17,5%“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија Бектеши подвлече дека една од главните цели на Владата е да одржува континуиран дијалог со бизнис заедницата за да се излезе во пресрет на барањата на фирмите за подобрување на бизнис климата и дека токму на барањата на бизнис секторот се направени измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Тој додаде дека оваа година се склучени вкупно 171 договор за државна поддршка од кои 120 се нови договори со компаниите, додека 51 се анекси на веќе склучени договори, кои аплицирале во 2018 година.
„Овие 120 компании, кои склучуваат нови договори, веќе во 2018 година, реализира инвестиции од над 110 милиони евра и вработија над 2100 лица. Тоа значи дека компаниите инвестираат, отвораат нови работни места, ги зголемуваат своите производствени капацитети, вкупното производство со поддршка на државата. Сето ова придонесе за раст на целокупната економија, намалување на бројот на невработени, зголемување на извозот, но и воведување на нови технологии во производствените процеси што е стратешката цел на оваа Влада“, нагласи Бектеши.
Гледајќи поединечно најголем број на инвестициски проекти, вкупно 37 доаѓаат од Скопје, компаниите од Кавадарци имаат инвестирано највисока сума во 2018 година, некаде во вредност од над 50 милиони евра, додека најголемиот дел на вработени, околу 1000 лица, се во компании кои работат во Битола.
На прес конференцијата присуствуваа и министрите задолжени за странски инвестиции: д-р Елвин Хасан, Зорица Апостолска, д-р Бардуљ Даути, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили, како и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, кои се и потписници на договорите со компаниите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.