Македонија
(Видео) Стоилковски: Грејната сезона не започнала со сета сила, а веќе се гушиме во смог
„Грејната сезона не почнала со сета сила, а Македонија веќе се гуши во смог. Скопје, Тетово, Куманово, Струмица, нема град, нема регион во Македонија што го нема овој проблем. Денеска најзагадено е Скопје, вчера беше Тетово, пред тоа Куманово. Струмица се давеше додека Заев синоќа се пењавеше дека е на пат до ‘живо’т“!, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, лагите на оваа власт ги плаќаме со здравјето. „Ветувањата беа дека Македонија ќе преземе чекори против загадувачите и мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. На чекор сме до избори, мандатот им мина во лаги и уништување на екопротестите на кои токму власта се појавуваше со гас-маски!
Заев ветуваше гасификација, по теркот на Струмица и Куманово, а и годинава тие два града предничат во загаденост. Заев ветуваше здравје, а државните болници се најголемите загадувачи во Куманово и Струмица. Минатата грејна сезона Венко Филипче вети гасификација на најголемиот загадувач во Куманово, болницата, но и на болницата во Струмица и на гинекологија во Чаир, но тие и годинава наместо да лечат, дават преку оџаците бидејќи се на мазут. ВМРО-ДПМНЕ во екот на еколошкиот аларм лани предочи сет од 20-тина мерки меѓу кои и онаа за гасификација на болницата во Куманово, на која ѝ се потребни околу 200.000 евра од државниот буџет.
За жал, ништо од тоа не е прифатено и преземено. Наместо гасификација на загадувачите, сега власта преку Министерството за економија влегува во предизборен популизам со распределба на 250.000 евра за субвенционирање на неполни 900 плински уреди за автомобили. Според статистиката за регистрирани возила во 2018 година во Македонија има над 415.000 патнички автомобили, од нив 150.000 се во Скопје. Ваквата мерка на Министерството за економија и на власта, за жал, нема да го реши проблемот, а ефектот ќе биде минорен. За истите пари, може да се реши проблемот за кумановската болница и со тоа да се реши најголемиот загадувач во општината со над 100.000 жители.Ниту знаат, ниту сакаат да знаат како да се решат проблемите. Единствено се грижат за опстанок на власт на изборите во април. Наместо на вистински мерки и грижа за граѓаните, посветени се на популизам. Времето за Обнова на Македонија е блиску, за жал, по уште една смртоносна грејна сезона со СДСМ на власт“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

