Македонија
Пендаровски во посета на Тетово и Теарце во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“
Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска ги посети општините Тетово и Теарце.
Пендаровски во Тетово, придружуван од градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, ја посети Шарената џамија, една од најрепрезентативните обележја на исламската архитектура во Македонија. Пред претседателот Пендаровски беше претставен историјатот на Шарената џамија од страна на имамот Баки Касами.

Пендаровски го посети фудбалскиот клуб „Љуботен“, кој годинава одбележува 100 години од формирањето. Пред претседателот беа посочени проблемите што ги има фудбалскиот клуб во функционирањето вклучувајќи го и најголемиот предизвик со кој во моментот се соочува клубот – немањето сопствен стадион, информираат од кабинетот на Пендаровски.

За време на посетата на Тетово, претседателот се сретна со младиот иноватор Орхан Багашов, кој во својот дом речиси една година развива робот со вештачка интелигенција. Багашов има освоено многубројни награди и признанија, меѓу кои и златен медал на меѓународниот натпревар „Инфоматрикс“ во конкуренција од 347 проекти за својот проект ротирачки 3Д-печатач. Претседателот Пендаровски ја истакна потребата од поддршка за младите иноватори како Багашов за да продолжат својот потенцијал да го развиваат во сопствената држава.

Во изјава за медиумите Пендаровски рече дека по Велес и Кочани, Тетово е третиот град што го посетува во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“.
„Граѓаните не треба со своите проблеми или со своите дилеми да доаѓаат кај мене во кабинетот. Најдобро е јас да дојдам кај нив, да ги чујам. Но, се разбира, а тоа го покажува и структурата на мојата посета дека нема да се занимаваме само со проблемите. Тоа не значи дека кај нашите граѓани нема проблеми, кои ќе ги решаваме. Но, мојата намера во рамките на овој проект е да ги истакнам и позитивните примери. Тие луѓе се меѓу нас, а сè уште не знаеме колку вредат и колку придонесуваат за позитивниот имиџ на земјата и многу подалеку од границите на државата“, изјави претседателот Пендаровски во Тетово.

Пендаровски во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово оствари средби со новинари од тамошните медиуми и со претставници на граѓански организации од Тетовскиот Регион на кои беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочуваат во својата работа.
Претходно, во Теарце, претседателот Пендаровски го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде што учат ученици од македонската, албанската и од турската етничка заедница. Покрај мешаниот етнички состав, карактеристично за училиштето е што учениците по избор изучуваат и јазик што не им е мајчин. Учениците и вработените во училиштето ја истакнаа потребата за нови учебници со цел подобрување на квалитетот на наставата.

Во селото Слатино претседателот Пендаровски ја посети Рита Бехадини, која преку социјалните мрежи поведе и реализира акција за собирање училишни материјали и прибор за ученици од семејства со социјален ризик. Претседателот Пендаровски оддаде признание за активностите на Бехадини истакнувајќи дека нејзиниот пример треба да го следат и други млади луѓе.
За време на посетата на Тетовскиот Регион, Пендаровски го посети Лешочкиот манастир. Во придружба на тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф, претседателот Пендаровски ги посети црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и конаците во рамките на манастирскиот комплекс, каде што е сместена спомен-собата на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Претседателот Пендаровски беше запознаен со историските факти за манастирот и за конаците, а беше истакната потребата за поголема заштита на културно-историското богатство на манастирот, особено на црквата „Св. Богородица“, која датира од 14 век.

Во селото Џепчиште претседателот Пендаровски го посети етномузејот во сопственост на Симеон Златев – Моне, кој се смета за најмал етнолошки музеј во светот. Во музејот, на 7,2 квадратни метри, има изложено речиси 1.150 експонати од вкупно 2.000 што Златев ги собирал во изминатите три децении. Сопственикот на музејот го информира Пендаровски за намерата и официјално да го внесе својот музеј во Гинисовата книга на рекордите како најмал етнолошки музеј во светот.

Проектот „Лице в лице со претседателот“ е инициран во изборната програма на Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија тој да се сретне со што е можно повеќе граѓани и одблиску да ги чуе проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеите за нивно надминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

