Македонија
Обвинителството нема да го гони ректорот на УКИМ

Основното јавно обвинителство ја отфрли иницијативата на Антикорупциската комисија за кривично гонење на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски.
Според обвинителството, нема основано сомнение дека Јанкуловски за злоупотребил службената положба, дека сторил измама и несовесно работел.
Антикорупциската комисија претходно поведе постапка за кривично гонење во кое стоеше дека ректорот, со намера за себе да прибави имотна корист, а на штета на буџетот, не го ставил во мирување својот работен однос во на Клиниката за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. На овој начин, тој прибавил за себе имотна корист во износ од 2.450.000 денари по основ на плата од работен однос кој бил должен да побара да му биде ставен во мирување.
„Од анализата на материјалните и вербалните докази во предметот произлезе дека пријавениот професор е во редовен работен однос со ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во својство на професор-здравствен работник, каде што ги остварува сите права по основ на плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност. По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата“, соопштуваат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека и исказите на сведоците потврдуваат дека во досегашната практика на УКИМ, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.