Македонија
(Видео) Китанов: Промашен е патот Кичево – Охрид, Бочварски е изваден од контекст

Патот Кичево – Охрид е промашен, а изјавата на Благој Бочварски дека патот не бил промашен е извадена од контекст, објасни Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта во интервју за „Макфакс“. Ниту тој ниту Бочварски не манипулирале со јавноста која две години верува дека патот е промашен и поради тоа изградбата ќе чини двојно поскапо.
Директорот Китанов тврдењето дека трасата е погрешна го поткрепи со извештај на надзорот од 2014 година во кој е наведено дека е неопходно препроектирање.
„Ова е извадено од контекст. Јас го гледав тоа интервју и не е така. Кај нас, во Македонија, има убави поговорки. Има една што вели ‘ако баклавата е изедена тепсијата стои’. Извештај на надзорот од 2014 година, меѓу другото вели ‘констатирана е потреба од дополнително препроектирање на тунелот со цел исполнување на европските стандарди во оваа материја’“, вели директорот Китанов за „Макфакс“.
Во геотехничкиот елаборат авторот, Китанов вели, нагласил дека трасата на геофизичките истражни работи не се поклопува со трасата на идниот тунел.
„Ова значи дека овде треба да биде тунелот, а ти таму копаш да видиш какво е земјиштето и податоците од таму немаат врска со ова тука“, рече директорот Китанов.
Целото интервју ќе биде објавено в петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Паолучи: Народната банка е важен фактор за стабилноста

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари прва работна средба со директорот на Светската банка во Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.
На средбата беше нагласено дека Народната банка е кредибилна институција и столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјата. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на досегашната успешна соработка меѓу двете институции и изразија подготвеност за продлабочување на партнерството, особено во контекст на структурните реформи, дигитализацијата и унапредувањето на сеопфатноста и отпорноста на економијата.
Гувернерот Славески посочи дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за соработка во областа на техничката помош и анализа, особено преку проекти коишто ќе придонесат за натамошно зајакнување на институционалниот капацитет, како и за поддршка на политиките за финансиска вклученост и одржлив развој.
Директорот Паолучи истакна дека Светската банка е свесна за значајната улога на Народната банка во одржувањето на стабилноста и на довербата во економијата и изрази подготвеност за понатамошна поддршка на процесите важни за економскиот напредок на земјата.
_______________
Економија
Средба на министерката Божиновска со казахстанскиот министер за енергетика Аккенженов

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Астана, оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Република Казахстан, Ерлан Аккенженов.
На средбата се разговараше за искуствата на двете земји во спроведувањето на енергетската транзиција, улогата на критичните минерали во зелената економија, како и за потенцијалите за соработка во делот на обновливи извори на енергија, геолошки истражувања и инвестициски можности.
Министерката Божиновска истакна дека Македонија е посветена на изградба на одржлив и транспарентен модел за користење на домашните минерални ресурси и дека регионалната и меѓународната соработка е клучен предуслов за успешно управување со глобалните енергетски предизвици.
„Размената на искуства со земји како Казахстан, кои имаат силна традиција и експертиза во енергетскиот сектор, е значајна за нашата земја во процесот на градење одржлива енергетска иднина.“ изјави министерката Божиновска.
Министерот Аккенженов ја поздрави заложбата на Македонија за зелена транзиција и истакна дека Казахстан гледа можности за соработка со земјите од Западен Балкан, особено во делот на размена на технички знаења и пристап до нови технологии.
„Казахстан е подготвен да споделува искуства и да гради нови партнерства со земји кои имаат јасна визија за енергетскиот развој и рационално користење на ресурсите.“ нагласи министерот Аккенженов.
Состанокот помина во конструктивна и отворена атмосфера, при што двајцата министри се согласија дека постои реален потенцијал за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Казахстан во областа на енергетиката. Беа идентификувани конкретни можности за размена на знаења и техничка експертиза, особено во однос на развојот на хидроген како енергент на иднината – област во која Казахстан веќе има активни и напредни проекти.
Дополнително, беше посочено дека искуството на Казахстан во воспоставување и примена на батериски системи за складирање на енергија може да биде од голема корист за Македонија, во процесот на стабилизирање и модернизација на националниот енергетски систем.
На крајот од средбата, министерката Божиновска го покани министерот Аккенженов да ја посети Македонија и да учествува на Меѓународниот форум што ќе се одржи во октомври во Скопје, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Форумот ќе претставува важна платформа за унапредување на регионалната и меѓународната соработка во секторот.
Попладнето, министерката Божиновска во рамки на Астана интернационален форум ќе се обрати како говорник на пленарна сесија со наслов „The Resource Race: Who Controls the Green Future“.
Економија
(Видео) Трајчулевски: Зошто кредит од 6 милјарди евра кога имаме можност за неповратни грантови од ЕУ?

Договорите како планираниот со Велика Британија во никој случај не треба да значат замена за европските фондови кои се единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за реализација крупни инфраструктурни проекти, порача пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница на која на дневен ред беше Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Затоа, како што кажа Трајчулевски, полноправното членство во ЕУ мора да остане најважен надворешно политички проект за нашата држава.
„Не постои ниту една држава поединечно, која може да обезбеди помош како Европската Унија. Единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за изградба на нашата инфраструктура е преку процесот на европска интеграција. Ќе се согласиме – не е исто, суштински е различно. Да добиете грант, неповратни средства без да ги задолжувате идните генерации или да се задолжувате со огромни кредити како овој денес“, рече Трајчулевски.
Во своето излагање Трајчулевски рече дека предложените приоритетни проекти за финансирање со договорот со Велика Британија – железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, се паневропски коридори за кои многу лесно ќе можеше да се обезбедат грантови преку ЕУ. Македонија го нема луксузот да не користи неповратни средства кои ѝ стојат на располагање“, рече Трајчулевски.
„Сакам да се осврнам на предложените приоритетни проекти за финансирање, особено железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, кои се наведени во анексот кон договорот. И двата овие коридори, и десетката и осмицата се паневропски коридори и се наоѓаат на главната мрежа на европски коридори. Ова значи дека многу лесно може да се обезбедат грант-средства за изградба на овие коридори од фондовите на Европската Унија“, потенцираше Трајчулевски и порача Владата да не се откажува од европските фондови, особено во делот на транспортната инфраструктура, која е најскапа и изискува огромни средства.