Свет
По масакрот во Мексико, момче изодело 23 километри во потрага по помош
Девин Блејк Ленгфорд, американско момче што го преживеа грозоморниот напад што го потресе светот, а за кој се чини дека е извршен од мексикански наркокартел, успеало да скрие шест браќа и сестри во грмушки, а потоа одело 23 километри за да повика за помош.
Во масакрот што се случи во понеделникот на локален пат во мексиканската држава Сонора, на границата со САД, убиено е деветчлено американско мормонско семејство, три мајки и шест деца, во заседа на убијци од наркокартел.
Осум деца, од кои некои се бебиња, го преживеале нападот, во кој беа убиени нивните мајки, но минале низ пекол криејќи се со часови во грмушки, а некои од нив пешачеле со километри барајќи помош, пренесе агенцијата АП.
Кога видел дека мајка му и брат му загинале, Девин ги скрил своите шест браќа и сестри во грмушка и ги покрил со гранчиња за да бидат безбедни додека тој бара помош. Бидејќи не се вратил долго време, неговата деветгодишна сестра го напуштила засолништато за да се обиде да стигне до селото, открива нивната братучетка Кендра Милер.
Девојчето Мекензи Рајн Ленгфорд со часови талкало во мракот сè додека не била пронајдено неколку часа по спасувањето на другите деца.
Децата биле сами повеќе од шест часа. Од снимките на разговорите меѓу спасувачите може да се чуе дека се водела дебата за тешката одлука дали да се ризикуваат уште животи или да се чека пристигнувањето на мексиканската армија.
Напаѓачите стрелале во три возила во кои се наоѓале жртвите, инаку жители на северниот дел од Мексико. Едно од возилата било целосно опожарено.
Нападот го преживеале осум деца, но она што го доживеале во оддалечените планински области на мексиканската држава Сонора речиси не се опишува, нагласува АП.
Пет деца биле повредени толку многу што мексиканските власти ги пренеле преку границата со воен хеликоптер за да добијат лекарска помош во САД.
Трите други деца, кои не се повредени, биле сместени кај членови на семејството во селото Ла Мора.
Мексиканските власти соопштија дека тие, најверојатно, биле жртви на заменет идентитет и дека напаѓачите веројатно сметале оти големото теренско возило ѝ припаѓа на ривалската банда.
Повеќето жители на селото Ла Мора имаат двојно државјанство, американско и мексиканско, и себеси се декларираат како мормони иако официјално не се поврзани со ниту една црква.
Нивните предци, кои биле припадници на одметната мормонска црква, се населиле на северот од Мексико пред повеќе децении.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украинските и американските делегации ќе изработат „формула за мир“ оваа недела
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинските и американските делегации ќе се состанат оваа недела за да ја изработат формулата дискутирана во Женева за воспоставување мир и обезбедување безбедносни гаранции за Киев.
„Нашиот тим, заедно со претставници на САД, ќе се состане на крајот од оваа недела за да продолжи да ги приближува точките за кои се согласивме за време на преговорите во Женева, во форма што ќе нè води кон патот на мирот и безбедносните гаранции“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
Тој додаде дека украинската делегација „ќе биде добро подготвена и фокусирана на конкретна работа“. Зеленски, исто така, најави понатамошни разговори следната недела во кои ќе учествуваат двете делегации, како и самиот тој, но не даде детали.
„Следната недела ќе се одржат важни разговори, не само со нашата делегација, туку и со мене. Подготвуваме солидна основа за овие разговори. Украина цврсто ќе стои на свои нозе. Секогаш ќе стои“, нагласи тој.
Свет
Германија мора да плати 82.000 евра на семејството на италијански војник од Втората светска војна
Граѓански суд во Рим ѝ наложи на Германија да плати 82.000 евра финансиска отштета на семејството на италијански војник повеќе од 80 години по завршувањето на Втората светска војна.
Судот пресуди дека неговото повеќемесечно затворање во концентрациони логори во Германија и Австрија претставува воено злосторство и злосторство против човештвото, објави денес италијанската новинска агенција АНСА.
Човекот поминал повеќе од 600 дена во заробеништво по потпишувањето на примирјето меѓу Италија и сојузниците во септември 1943 година. Во тој период, стотици илјади италијански војници биле заробени.
На север, фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини останал на чело сè до непосредно пред крајот на војната во 1945 година.
Според адвокатот на семејството, војникот никогаш не се опоравил од заробеништвото. Човекот извршил самоубиство во 1982 година.
Свет
Франција ќе ја врати доброволната воена служба поради „забрзани закани“
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска објави воведување на доброволна воена служба за млади луѓе, која треба да започне до средината на 2026 година, што ќе ѝ помогне на Франција да одговори на „забрзаните закани“ на глобалната сцена.
Овој потег е дел од поширока промена низ Европа, каде што земјите кои долго време уживаат во мир со децении благодарение на безбедносните гаранции на САД, се загрижени за променетите приоритети на претседателот Доналд Трамп и агресивниот став на Русија.
„Франција не може да стои настрана“, рече Макрон за време на посетата на 27-та планинска пешадиска бригада во Варсес, во француските Алпи. Тој додаде дека доброволната програма ќе биде отворена за лица на возраст од 18 и 19 години, кои ќе бидат платени, и ќе трае 10 месеци. Тоа би чинело 2 милијарди евра, што тој го нарече „важен и неопходен напор“.
Програмата предвидува регрутирање на 3.000 луѓе до 2026 година, кои би служеле само на француска почва, а бројот би се зголемил на 10.000 до 2030 година. „Мојата амбиција е да стигнам до 50.000 млади луѓе до 2036 година, во зависност од еволуирачките закани“, рече Макрон.
„По програмата, учесниците би можеле да се интегрираат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили“, рече тој.
Најавата на Макрон ја доведува Франција во линија со речиси десетина други европски земји како што се Германија и Данска кои започнаа слични проекти.
Макрон рече дека укинувањето на задолжителната воена служба спроведено од поранешниот претседател Жак Ширак во 1996 година било исправно, но дека регрутацијата нема смисла за сегашните потреби на Франција.
Фото: ЕПА

