Македонија
Сведок во „Титаник“: По налог на Мунир Пепиќ, се издаваа државјанства без лично присуство
Пензионираната вработена во МВР Виолета Димитровска во денешното сведочење за предметот за изборен криминал на СЈО, „Титаник“, ја појаснуваше процедурата за издавање државјанства во Министерството.
Димитровска рече дека во нејзината 35-годишна кариера барања за државјанство се поднесуваат или лично или со полномошник.
Но, само еднаш имала поинаква пракса, кога вработениот во Министерството за правда, Мунир Пепиќ, и’ рекол оти има лица кои исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат лично да поднесат барање, па нивните барања да биле поднесувани преку претставник чие име почнува на буквата „А”, кој имал приближно 40 години.
„Од Мунир Пепиќ ми беше пренесено: Вики, сега идам откај началничката Надица Велевска. Имам лица што исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат да дојдат поединечно, а имаат свој претставник кој ќе ги носи нивните барања пополнети. Така е договорено и со Кире од Кабинетот“, се присети сведокот.
„Ништо не реков, но не ми беше пријатно. Се качив горе во Секторот и се видов до Надица. Таа ми рече: Вики, што да ти кажам, што да ти речам?“, сведочеше Димитровска.
Сведокот кажа дека тоа траело една година, од април 2014 до април 2015 година, а нејзината улога била само да се примат барањата и да се предадат.
Адвокатот на Мунир Пепиќ со раце му даваше знаци на клиентот да не му поставува прашања на сведокот од МВР, кога тој крена рака за да ја испрашува Димитровска.
Во предметот „Титаник“, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски ќ, за серија кривични дела во поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски – Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски, поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Сашко Митовски се фрли по светиот крст во водите на Крива Река
Во духот на вековната православна традиција, денес во Крива Паланка беше одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици, кога, според верувањето, се осветуваат водите и се симболизира Христовото крштевање во реката Јордан, носејќи здравје, благослов и духовна сила за верниците.
По тој повод, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се фрли по светиот крст во водите на Крива Река, испраќајќи силна порака на вера, заедништво и почит кон православните обичаи.

„Чинот претставува симбол на духовна чистота, обновување и нераскинлива врска меѓу традицијата, локалната самоуправа и народот. Во студените води на Крива Река, градоначалникот Митовски уште еднаш покажа дека вистинските вредности се чуваат и потврдуваат со дела“, соопштија од Општината.
По фрлањето на светиот крст, Општина Крива Паланка организираше заедничка празнична прослава. За присутните беа бесплатно поделени над 4.000 порции пивтија, топли пијалоци и скара на жар, а беше организирана и музичка програма. Празничниот ден беше збогатен со настапот на Ленче Кукиќ.
„Нека светите води ни донесат здравје, мир и благосостојба во секој дом“, порача градоначалникот Сашко Митовски.
Македонија
Филипче го честита празникот Богојавление – Водици
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го честита денешниот празник Богојавление – Водици.
„Го честитам големиот празник Богојавление, Бог се роди, во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На момчето коешто и годинава исто како и лани го фати крстот, му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во ладните води на Охридското езеро е доказ за една голема храброст, голема умствена и телесна сила“, рече Филипче од Охрид.
Македонија
Дарко Митровиќ го фати крстот во Скопје
Дарко Митровиќ го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Вардар.

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Годинава се пријавија околу 160 граѓани да го фаќаат крстот во Вардар.

Одбележувањето на празникот Богојавление почна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.

