Македонија
(Видео) Повеќе од 90 отсто од родителите се согласуваат да се воведе сексуално образование

Близу 90 отсто од родителите се согласуваат да се воведе сеопфатно сексуално образование во основните училишта, покажуваат резултатите од истражувањето што го спровела Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“. Во телефонското истражување биле анкетирани 800 родители/старатели за препораките на УНЕСКО-моделот на сеопфатното сексуално образование да ги вклучи темите кои треба да бидат изучувани во образовниот систем. Според овие препораки темите кои ССО треба да ги опфати се род, врски и односи, тело и слика за своето тело, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство и граѓански аспекти.
„Позитивно сме изненадени од високиот процент на родители кои се согласија со сите 12 прашања на спроведената анкета. Очигледно е дека родителите ја разбираат потребата од едукација на нивните деца. Кога пред неколку години имаше слична иницијатива, од Бирото за образование не се согласија да се почне со пилотирање на ССО затоа што сметаа дека ќе наиде на отпор кај родителите. Се надеваме дека до почетокот на пилот-програмата, која треба да почне идната година во 4 училишта, ќе се направи добра методологијата за наставата, како и оформување на образовен кадар за оваа тема“, рекоа од „ХЕРА“ на денешната прес-конференција.
Најголема согласност во 95 отсто постои за теми поврзани со заштита од насилство врз жените, сексуално насилство и насилство на социјалните мрежи, услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, заштита од несакана бременост, механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, промени во пубертетот. Иако со виско процент, односно 82 отсто, најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот.
„Наодите од истражувањето и одлуката на Владата за пилотирање на програма за сексуално образование во основните училишта се само уште еден доказ за подготвеноста на креаторите на политиките и родителите за конечно воведување на сексуално образование во наставата“, велат од „ХЕРА“.
Училиштата во кои е предвидено да почне пилот-програмата ќе бидат две во градска и две во рурална средина и истите ќе бидат со мешан етнички состав на ученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грета Тунберг во Тетово

Шведската активистка Грета Тунберг вчера беше во Тетово, во посета на Општествено-културниот центар Тетово, објавија од организацијата.
Тунберг ја посетила и новата локација на Центарот која се спрема со заеднички волонтерски ангажман кој се реализира со поддршка од меѓународни партнери од Белгија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.
Новиот простор ќе биде отворен утре со почеток од 18 часот.
Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во главниот град на Албанија, Тирана, каде што на плоштадот Скендербег се обрати пред многу граѓани. Таа тогаш повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Методологијата на Тренчевска на пензионерите им ги зголеми пензиите за 138 денари

Методологијата на Тренчевска на пензионерите им ги зголеми пензиите за 138 денари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 18 месеци ги зголемува за 7.000 денари, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на Јована Тренчевска од СДСМ.
„СДС и Тренчевска продолжуваат да манипулираат со бројки, но фактите говорат сосем спротивно.
Методологијата на Тренчевска на пензионерите им ги зголеми пензиите за 138 денари во време на КОВИД пандемија кога поради нивната лоша економска политика инфлацијата беше над 20%.
Да потсетиме дека кога СДС и Тренчевска беа на власт пензионерите секојдневно протестираа по улиците и пред владата, а нивните барања беа токму за линеарно покачување на пензиите.
СДС и Тренчевска тогаш немаа слух за пензионерите, ги донесоа до раб на егзистенција и не им овозможија достоинствен живот каков што заслужуваат.
Пензионерите сега веќе имаат партнер во оваа Влада која ги слуша им ги решава проблемите, им го вреднува вложениот труд и овозможува достоинствено да живеат.
За неполна година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пензиите веќе се зголемија за пет илјади денари, а од септември и март следи друго покачување од по илјада денари. Само за 18 месеци пензиите на сите пензионери линеарно ќе се покачат за 7.000 денари“, пишува во реакцијата.
Македонија
Пуштен во употреба нов булевар во Гевгелија

Денес, овде во Гевгелија, заедно сведочиме на исполнување на едно големо ветување. Го пуштаме во употреба капиталниот проект-улицата „Свети Климент Охридски“, обиколницата која претставува нов современ западен булевар и е директна артерија за сообраќајниот и економскиот живот на Гевгелија, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој кажа дека ова бил приоритетен проект од програмата за работа уште во 2021 година.
„И денес, само неколку години подоцна, го гледаме реализиран. Со вредност од над 120 милиони денари или околу 2 милиони евра, оваа улица не е само нов асфалт, туку симбол на нашата решителност, дека ветувањата не се дават за да се заборават, туку за да се исполнат“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека паралелно со овој проект, во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од Булеварот „Гевгелија“, заедно со натпатникот на улицата „Железничка“ и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари.
„Дополнително, во завршна фаза е и изградбата на кружната крстосница на влезот во Гевгелија, со нов мост над каналот „Рауљ“, како и дислокација на дел од каналот под крстосницата, проект вреден повеќе од 27 милиони денари. Тоа се крупни инфраструктурни зафати што значат подигнување на општината на едно повисоко ниво, што значи визија, план и конкретна работа“, изјави Мицкоски.