Македонија
Набавена нова медицинска опрема на Клиниката за дерматологија

Универзитетската Клиника за дерматологија набави нова медицинска опрема во вкупна вредност од речиси половина милион денари, која ќе обезбеди највисок стандард на дијагностика за пациентите кои се лекуваат на оваа клиника, соопшти Министерството за здравство.
Од денеска, на Клиниката во функција се: нов апарат за пресотерапија и лимфна дренажа за лекување хронична венска инсуфициенција, примарни и секундарни лимфедеми на горни и долни екстремитети; дигитален ултразвучен колор доплер ехоапарат за евалуација на артериска и венска циркулација на горни и долни екстремитети, како и нов апарат за ин витро дијагностика во алергологија (алерго тестови преку крв) и алергени за истиот.
Конкретно за апаратот за ин витро дијагностика во алергологија, станува збор за високосензитивна технологија, која е последен стандард во алерголошките тестирања. Предноста на оваа метода е што може да се прават тестови и кога пациентите примаат антиалергиска терапија.
Во изминатиот период, велат од Министерството, на Клиниката за дерматологија реализирани се и активности за унапредување на просторните капацитети. За првпат е отворена соба за изолација, според стандарди на ИХИ (интрахоспитални инфекции), обезбедена е нова работна соба за медицински сестри на женски и детски оддел, реновирана е библиотеката, дежурната лекарска соба и апартманот за приватни пациенти.
Во изминатите две години Клиниката за дерматологија кадровски е зајакната со 3 лекари специјалисти дерматолози, 2 лекари на специјализација и 2 медицински сестри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.
Македонија
Попладне пороен дожд и грмежи во западните делови, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне, претежно во западните региони ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, јавува УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.