Регион
Градоначалникот на Љубљана под истрага за затајување данок

Словенечката финансиска полиција ја стави под хипотека семејната куќа на градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, за да обезбеди наплата на долг од 335.000 евра настанат од даночно затајување.
Јанковиќ, некогашен директор на „Меркатор“ и бизнисмен, веќе четврти мандат е градоначалник на Љубљана. Постапката која е отворена се однесува на парични трансакции меѓу Јанковиќ и неговите синови, на кои им ја продал својата компанија „Електра“, а потоа назад примил огромни износи како рати за уплата на долг од осум милиони евра.
Синовите парите на компанијата му ги префрлале на таткото и тогаш кога „Електра“ влегла во неликвидност поради што другите нејзини доверители безуспешно ги очекувале своите пари.
Со примените пари Јанковиќ намирувал и некои долгови на другите свои фирми, наведуваат медиумите. Според финансиската полиција, средствата што на својата сметка ги добивал Јанковиќ не се поврат на кредитот што им го дал на синовите, туку негов личен приход, што подлежи на даночење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Хрватска: маж почина од убоди на стршлени додека сечел дрва за огрев

Додека сечел дрва во шума, 54-годишен маж бил нападнат од стршлени. И покрај брзата лекарска интервенција, починал на самото место.
Во Хрватска, во шумско подрачје близу Крижевци, 54-годишен маж бил смртно нападнат од стршлени, соопшти полицијата од Копривничко-крижевечката жупанија.
Вчера, додека сечел дрва за огрев, мажот бил нападнат од стршлени, по што му се слошило, јавува Хина.
И покрај тоа што брзо му била укажана лекарска помош, мажот починал на самото место
Регион
Вучиќ: Ќе има војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди за време на отворањето на новата брза железница што ги поврзува Белград и Суботица дека целиот свет се подготвува за војна.
„Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече српскиот претседател, пренесува Телеграф.
„Тие не се заинтересирани за разговори и преговори. Тие копаат ровови и чекаат почеток, а знаат дека војната дефинитивно доаѓа. Тие чекаат и се подготвуваат“, додаде тој.
„Мораме да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле“
Тој нагласи дека светот се движи кон војна и дека малкумина можат да ја спречат.
„Би платил сè на светот ако тоа не се случеше. За жал, се плашам дека сум во право. Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, изјави тој.
„Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за армијата и преку нашите стокови резерви. Сега повторно ќе побарам зголемување“, објави тој.
Во врска со можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС), Вучиќ рече дека сè ќе биде решено и дека нема да има купување гориво во кантички.
„Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Не сме ниту виновни ниту обврзани да се најдеме во проблем и ја плаќаме цената. Но, граѓаните не треба да се грижат. Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие“, заклучи тој.
Фото: принтскрин
Регион
На средбата со Путин, Додик ги нарече Германците примитивци од Западот

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, повторно побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин, а откако двајцата се сретнаа во Сочи синоќа, изјави дека ја добил и дека смета на Москва да продолжи да биде негова силна поддршка.
На снимките прикажани од јавниот сервис на РС (РТРС), можеше да се слушне како Путин го нарекува Додик претседател иако остана без мандатот на прв човек на РС уште во август, откако беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик пристигна во Сочи на Валдај форумот, каде што Путин беше главен говорник.
„Знам дека ситуацијата во вашата земја и регион не е едноставна, може да се каже дека е комплицирана“, сè уште можеше да се чуе како Путин му вели на Додик пред да престане снимањето.
После тоа, Додик изјави за RTRS дека разговорот со Путин бил „многу отворен и фер“ и дека го повикал да „не го изоставува Балканот“ во разговорите со другите важни партнери, особено САД, и да не дозволи Германците да ја контролираат ситуацијата таму бидејќи, како што рече, тие не се на страната на Србите.
Додик ги нарече Германците, како и претставниците на другите влијателни земји што се занимаваат со Босна и Херцеговина, „исплашени примитивци од Западот“. Затоа, тој се потпира на Русија како можен коректив и верува дека сегашното претседателство на Русија со Советот за безбедност на ООН ќе биде корисно за неговите политички цели.
Фото: ЕПА