Македонија
(Видео) Заев: Почнува комплетна санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион

Премиерот Зоран Заев објави дека после една година поготовки, почнуваат работите на санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион за прочистување од наслагите и корењата од дрвјата и рехабилитација на цевководот на колекторот. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот.
Тој кажа дека дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга.
„Лошата изведба во некои делови, како и негрижата и неодржувањето на сите сегменти на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води создадоа сериозна еколошка опасност за Охридското Езеро и за приодните убавини и реткости во неговото опкружување.Од стручната анализа на една јапонска компанија во 2014 година, направена со роботизирана технологија, констатирано е дека на неколку места колекторот речиси и да не постои заради лошата изведба и неодржувањето на бетонскиот цевковод. Во поголем дел колекторот е запушен или слабо пропустлив заради насобрани наслаги од отпад и заради корења на дрвја, исто како и атмосферската и канализационата мрежа. Од 18 препумпни станици само една или две работат повремено, а самата пречистителна станица е речиси без функција бидејќи не се сервисирале и не се заменувале дотрајаните делови“, рече Заев.
Тој обвини дека сознанијата за последиците од оваа состојба биле познати со години наназад, но ништо не било преземено.
Дејан Николовски, советник на Заев, истакна дека наместо да работат, компаниите во чија надлежност било и одржувањето и функционирањето на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион само го трупале долгот којшто достигнал 1,2 милијарди денари, не ги наплаќале долговите кои достигнале висина од 850 милиони денари и ги пренаменувале парите на други дејности само не во функција на редовно и одржливо работење на системот што ги чисти отпадните води што завршуваат во езерото и во реката Црн Дрим.
„Најлоша констатација е дека се немало сенс да се санира катастрофалната состојба со колекторскиот систем, да се издвојат 4,23 милиони потребни за да се решат овие проблеми. Користени се за разни намени, за фасади и споменици, но не и за решавање на овој проблем“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.