Култура
„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец во Европа
„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарен филм на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“.
Одлуката е соопштена денеска во Севиља, Шпанија. Македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.
На овој потесен избор, пред три месеци му претходеше селекцијата на „Медена земја“ меѓу 12 филмови – најсериозни кандидати за оваа награда. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3.600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.
Филмот раскажува за Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик кога треба да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа. Во Медената земја пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат основното правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите.
„Медена земја“ е најнаградуваниот македонски документарен филм, кој на почетокот на оваа година се закити со три главни награди на престижниот фестивал „Санденс“. Филмот е македонски кандидат за „Оскар“.
Режисерите и главната протагонистката во „Медена земја“ – Атиџе Муратова деновиве се во Њујорк, каде што на 10 ноември во Бруклин ќе бидат доделени наградите Избор на критиката за документарци (Critics’ Choice Documentary Awards). Филмот е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа. На церемонијата на Атиџе ќе ѝ биде врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.

