Култура
Азиска премиера на „Врба“на фестивал во Тајпеј
Филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски продолжува да го освојува и азискиот дел од светот. Азиската премиера ќе биде на 13 ноември во Тајпеј, Тајван, на еден од најголемите филмски фестивали во Азија.
Филмскиот фестивал Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј се одржува од 11 до 24 ноември, а Манчевски годинава е еден од тројцата автори во фокусот, и освен премиерата на „Врба“ ќе има и ретроспектива на неговиот опус, а тој ќе одржи и мастерклас.
По премиерната проекција на „Врба“ предвидена е и сесија прашања и одговори со режисерот Манчевски. Филмот ќе биде прикажан уште два пати во рамки на фестивалот, на 14 и 19 ноември.
Во чест на Манчевски како автор во фокусот, ќе бидат прикажани и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.
Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.
Инаку, „Врба“ својата светска премиера ја имаше на Римскиот филмски фестивал на 19 октомври. Од 1 ноември филмот е на репертоар во скопските кина Синеплекс и Милениум. Филмот се прикажува и во Битола, Штип, Охрид, Кичево, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе, Од денеска и во Гевгелија. Од 11 ноември ќе се прикажува во Куманово, Радовиш и Неготино, во Виница на 13, во Кочани, Богданци и Македонска Каменица од 14, Крушево 16 и Струмица 25 ноември. За само една недела досега го виделе над 11.000 гледачи.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Во главните улоги се: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и на веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.