Свет
Полска го извести Интерпол за апсењето на украинскиот ултранационалист Мазур
Националното централно биро на Интерпол е известено за апсењето на Игор Мазур, еден од лидерите на украинската радикална организација „Украинско национално собрание – украинска народна самоодбрана“, која е забранета во Русија, пренесува ТАСС.
Мазур беше приведен од полската гранична служба во саботата по барање на Русија. Тој е обвинет за вмешаност во активностите на нелегални вооружени групи на територијата на Чеченија во 1994-1995 година.
Полските власти ветија дека ќе го испитаат случајот во согласност со нормите на меѓународното право. Неколку полски политичари и јавни личности се изјаснија против екстрадицијата на Мазур во Русија тврдејќи дека Русија ги користи механизмите на Интерпол со политички цели.
Во 2014 година Мазур го водеше разгранокот на „Десен сектор“ во регионот Киев и беше активен учесник на протестите во центарот на Киев зимата 2014 година. Од мај 2014 година Мазур учествуваше во судирите во Донбас. Во ноември 2016 година тој беше назначен за потпретседател на „Украинското национално собрание – украинска народна самоодбрана“.
На 10 ноември, портпаролот на Окружниот суд во полскиот град Лублин го извести ТАСС дека судот нема да го разгледува случајот на Мазур, бидејќи Обвинителството ја одложило жалбата за негово апсење.
Украинскиот комесар за човекови права, Људмила Денисова на својот канал на „Телеграм“ објави дека на Мазур му е одредена условна условна казна и сега е под надзор на украинскиот генерален конзул во Лублин. Таа додаде дека во периодот на разгледување на барањето за екстрадиција, Мазур ќе остане во украинскиот конзулат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Огромна армада плови кон Иран, времето истекува
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на социјалната мрежа Truth Social објави дека „огромна армада“ од американски воени бродови е на пат кон Иран, со порака дека Техеран мора брзо да седне на масата за преговори и да преговара за „фер договор без нуклеарно оружје“.
„Огромна армада плови кон Иран. Се движи брзо, со голема моќ, ентузијазам и цел. Тоа е поголема флота, предводена од големиот носач на авиони Abraham Lincoln, од онаа испратена во Венецуела. Како и со Венецуела, таа е подготвена, спремна и способна брзо да ја заврши својата мисија, со брзина и насилство, доколку е потребно“, објави Трамп.
*Се надевам дека Иран брзо ќе „седне на маса“ и ќе преговара за фер и праведен договор – БЕЗ НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ – договор што е добар за сите страни. Времето истекува, навистина е критично! Како што еднаш му реков на Иран, ПОДГОТОВЕТЕ ДОГОВОР! Тие не го направија тоа, а имаше и „Операција полноќен чекан“, големото уништување на Иран. Следниот напад ќе биде многу полош! Не дозволувајте ова да се случи повторно. Ви благодарам за вниманието по ова прашање! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“
Пораката на Трамп дојде неколку часа откако тој во говорот во Ајова објави дека „уште една прекрасна армада“ е на пат кон Иран, но не прецизираше за кои сили станува збор.
Трамп претходно изјави дека се надева на дипломатско решение со Иран, нагласувајќи ја важноста на конструктивните преговори меѓу страните пред „да истече времето“.
фото/depositphotos
РЕ-Дигитал
Нов систем со вештачка интелигенција од Хонг Конг предвидува бури и обилни дождови четири часа однапред
Тим научници од Хонг Конг разви систем за временска прогноза наречен DDMS кој користи технологија на вештачка интелигенција (ВИ) за да предвиди бури и обилни дождови до четири часа пред да се случат.
Системот ќе им помогне на владите и службите за итни случаи поефикасно да реагираат на зголемената фреквенција на екстремни временски настани поврзани со климатските промени, изјави денес тим од Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг (HKUST).
„Се надеваме дека ќе можеме да користиме вештачка интелигенција и сателитски податоци за да го подобриме нашето предвидување на екстремните временски услови, за да можеме подобро да се подготвиме“, рече Су Хуи, професор на Одделот за градежно и еколошко инженерство на универзитетот, кој го водеше проектот.
„Целта на системот е да предвидува обилни дождови“, рече Су на прес-конференција.
Развиен во соработка со метеоролошките власти на Кина, системот ги ажурира своите предвидувања на секои 15 минути и има зголемена точност за повеќе од 15 проценти, потврди тимот.
Нивната работа е клучна за Хонг Конг и Кина, кои се соочија со надпросечен број тајфуни и дождови во 2025 година.
Градот го издаде своето највисоко предупредување за врнежи од дожд пет пати минатата година, а второто највисоко предупредување 16 пати, што е невидено ниво, рекоа метеоролошките власти на Хонг Конг, кои работат со Кина за да го применат новиот модел во нивните прогнози.
фото/Depositphotos
Свет
Демант од Братислава: Фицо ја негира приказната за „опасниот“ Трамп
Словачкиот премиер Роберт Фицо решително ги негираше наводите на пробриселскиот весник „Политико“ дека наводно изразил загриженост за менталната состојба на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат медиумите во регионот.
Фицо реагираше на својот Фејсбук профил, истакнувајќи дека тврдењата на овој медиум се неточни и злонамерни.
„Морам решително да ги отфрлам лагите на „Политико“ за тоа како ја оценив мојата средба со Трамп во Брисел“, рече словачкиот премиер.
Тој нагласи дека за време на неформалниот самит на Европската унија, одржан минатата недела во Брисел, воопшто не зборувал за разговорите со американскиот претседател, ниту пак разговарал за оваа тема со ниту еден лидер на земјите-членки на ЕУ. Според него, тврдењата дека им пренел лични впечатоци за Трамп на своите европски колеги се целосно неосновани.
Фицо оцени дека „Политико“ се обидува да ги поткопа конструктивните односи на Словачка со другите земји и дека, како што изјави, овој медиум е меѓу оние кои борбата за националните интереси и изразувањето на сопствените ставови го сметаат за „злосторство“. Додаде дека, поради ваквите ставови, често е цел на критики од редакцијата на овој весник.
„Политико“ денес, повикувајќи се на неименувани европски дипломати, објави дека Фицо наводно изразил загриженост за психолошката состојба на американскиот претседател на маргините на самитот во Брисел. Според овие изјави, по личната средба со Трамп на 17 јануари во неговиот имот Мар-а-Лаго, словачкиот премиер го опишал однесувањето на американскиот лидер како „опасно“ и „надвор од разумот“.

