Свет
(Видео) Маж протестира на стаклениот покрив на австралискиот парламент и бараше ослободување на Асанж
Маж се качи на покривот на зградата на австралискиот парламент во Канбера како знак на протест и бараше ослободување на Џулијан Асанж, пренесува „Спутник“.
Демонстрантот, облечен во црна облека и капа, свиреше и викаше, „Ослободете ги свиркачите“ и „Ослободете го Џулијан Асанж“. Тој се закани дека ќе остане таму сè додека Асанж не биде ослободен од затвор и им рече на минувачите да му донесат вреќа за спиење.
Демонстрантот постави транспарент на кој пишуваше: „Ослободете го Асанж. ‘Не’ за екстрадицијата во САД“ и шеташе врз стаклениот покрив на парламентот пред полицијата да го уапси.
Нема информации за тоа дали демонстрантот се соочува со обвиненија.
The protestor on the roof of Parliament House: "I'll only come down when Julian Assange returns to Australia. Send me up a sleeping bag." pic.twitter.com/HspCD0FScP
— Katie Burgess (@katie_b_burgess) November 11, 2019
Џулијан Асанж, кој е австралиски државјанин, во моментот издржува затворска казна од 50 недели за прекршување на условите за кауција во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, каде беше баран за сексуален напад, што тој го отфрли како политички мотивирано обвинение.
Асанж, основачот на „Викиликс“, побара прибежиште во Амбасадата на Еквадор во Лондон и таму остана речиси седум години до април годинава кога Еквадор му го одзеде статусот на азилант. Тој сега се соочува со екстрадиција во САД под обвинение за објавување дипломатски телеграми и обелоденување обвинувачки докази против воените кампањи на САД во Авганистан и во Ирак. 17-те точки од обвинението му носат максимална казна затвор од 175 години. Рочиштето за екстрадиција е предвидено да почне на 25 февруари.
Минатиот месец 11 австралиски пратеници формираа меѓупартиска група со која се залагаат за враќање на Асанж дома.
„Што и да мислат луѓето за него, Џулијан Асанж е Австралиец и заслужува конзуларна помош и поддршка од австралиската влада“, рече пратеникот од лабуристите, Џулијан Хил.
Премиерот Скот Морисон јасно стави до знаење дека неговата влада ќе дозволи законските процеси во Велика Британија да одат по својот тек и рече дека Асанж треба да се соочи со своите дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Романскиот премиер Чиолаку води во првиот круг од претседателските избори
Романскиот премиер, Марсел Чиолаку и кандидатката на десниот центар Елена Ласкони освоија најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Романија, покажуваат излезните анкети и тие треба да одат во вториот круг.
Социјалдемократот Чиолаку, според проекциите, освоил околу 25 отсто од гласовите, додека Ласкони околу 18 отсто. Вториот круг од изборите е закажан за 8 декември.
Чолаку пред првиот круг од изборите беше фаворит меѓу 14 кандидати.
Најдобри изгледи имаа кандидатот на либерално-конзервативната реформска партија Ласкони која според излезните анкети доби 16 отсто и Џорџ Симион од екстремната десница кој доби 15 отсто од гласовите.
Претседателот ја одредува надворешната и безбедносната политика на земјата-членка на ЕУ, е врховен командант на армијата и е вклучен во проверките на тајните служби.
Клаус Јоханис е претседател 10 години и не може повторно да се кандидира.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Мора да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах
Шефот за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, повика на поголем притисок врз Израел и Хезболах за да се договори примирје меѓу завојуваните страни.
„Се сретнав со либанскиот премиер Наџиб Микати за да разговарам за итни чекори за ставање крај на конфликтот“, напиша тој на „Икс“ во неделата.
„Мораме да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах за тие да се согласат со американскиот предлог за прекин на огнот“, додаде Борел, кој го посети Бејрут.
„Израелската армија збриша 37 села во јужен Либан и продолжува да фрла бомби врз центарот на Бејрут“, рече тој. Ова мора да престане, како и нападите на Хезболах врз израелските заедници, додаде.
Без прекин на огнот, ниту Израелците ниту раселените во Либан не можат да се вратат во своите домови, напиша Борел на „Икс“ по неговите разговори со либанското раководство.
Борел се состана со Микати и со претседателот на парламентот Набих Бери, комесар на проиранската милиција Хезболах.
Соединетите држави со недели вршат притисок за примирје меѓу шиитските милиции и Израел. Посредникот Амос Хохштајн оваа недела повторно отпатува во Либан и Израел за да ги продолжи преговорите.
Хезболах го нападна Израел со силен ракетен оган во неделата, откако еден ден претходно во жесток израелски воздушен напад загинаа најмалку 29 луѓе во Бејрут.
Израел во неделата ги нападна јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, каде што интензивното бомбардирање во последните две недели се совпадна со знаците за напредок во преговорите за примирје на САД.
Хезболах, кој претходно вети дека ќе одговори на нападите врз Бејрут со таргетирање на Тел Авив, соопшти дека истрелал наведувани проектили врз воените постројки во и околу Тел Авив.
Свет
Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд
Будистичкиот манастир во централен Тајланд е под истрага по откривањето на 41 тело за кои се верува дека биле користени за специјална практика на медитација, соопшти полицијата.
Телата се откриени во саботата во манастирот Па Нахон Чаибоворн во централниот дел на земјата, соопшти полицијата, додавајќи дека кај секое тело биле пронајдени документи – потврда за смрт и потврда за донација тело.
Полицијата треба да провери кај семејствата на починатите дали доброволно ги дале телата.
„Сакаме да се увериме дека ниедно тело не е украдено“, соопшти полицијата.
Потрагата беше почната неколку дена откако полицијата во средата откри 12 тела во друг манастир во соседна провинција, објавија локалните медиуми.
Поглаварот на манастирот во провинцијата Фичит, каде што беа пронајдени 41 труп, Ајарн Саифон Фандито, рече дека употребата на труповите е дел од „техниката на медитација“ што тој ја развил.
„Многу од оние кои доаѓаат да учат се верници и сите овие монаси го пренесуваат тоа знаење. Не знам колку од нив ја прифатија мојата техника“, рече тој.
Поглаварот на манастирот рече дека „практичарите медитираат во павилјони во кои има ковчези со човечки останки“.
Полицијата во Фичит соопшти дека работи со властите во другите провинции за да утврдат дали оваа практика е широко распространета.
Овој метод на контемплативна медитација со трупови во различни фази на распаѓање се појавила во Тајланд во 18 век и била широко распространет до 20 век кога почнала да исчезнува.