Македонија
Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охрид испратен до УНЕСКО
Првата од трите јавни расправи за нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 г. и за нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 година се одржа денеска во Скопје.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека на нацрт-планот заеднички работеле Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, а во процесот беа вклучени општините и други надлежни институции.
„Очекуваме во финализирањето на планот да се вклучат и надлежните институции од Албанија, со кои ја споделуваме одговорноста за управување со ова прекугранично мешовито светско наследство. Воедно, нацрт-планот и стратегиската оцена на животната средина се доставени за коментари и до центарот на светското наследство УНЕСКО“, рече Нуредини.
Министерот за култура, Хусни Исмаили, истакна дека станува збор за исклучително важни правни документи со чие донесување по 40 години од впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО се прави вистинска пресвртница во пристапот за зачувување и одржливо и економско користење на потенцијалите на Охридскиот Регион.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, истакна дека еден од највисоките приоритети на владата е зачувување на статусот на Охридскиот Регион на листата на светско наследство на УНЕСКО.
„Чувствуваме должност, пред нашите граѓани пред сè, да не дозволиме понатамошно загрозување на природното и културното наследство на регионот и да воспоставиме систем за негово одржливо, стручно и организирано управување кое ќе спречи какво било уништување и узурпација на природните и културните ресурси на Охридскиот Регион“, рече Адеми.
Според него, планот и извештајот се многу важен сегмент и ја формираат рамката на сите понатамошни активности во заштитеното подрачје.
Нацрт-планот и стратегиската оценка веќе се испратени во Центарот за светско наследство на УНЕСКО и неговите советодавни тела, од кои се очекува стручно мислење и придонес во насока на подготвување на документи за Охридскиот Регион кои ќе бидат во целосна согласност со стандардите и препораките на УНЕСКО.
Јавни расправи за двата значајни стратегиски документи ќе се одржат и утре во Охрид и Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

