Македонија
Хелсиншкиот комитет: Строга осуда за попречувањето на правото на граѓански протест во Тетово
Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека вчерашниот настан, за кој информираа Центарот „Лоја“, регионалните „#Трансформатори“ и здружението „Екогерила“, претставува грубо кршење на уставно загарантираното право на мирен протест. Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува уништувањето и насилното отстранување на изложбата на група граѓански активисти што ја користат уметноста како форма на протест.
„Половина час откако групата граѓански активисти „#Трансформатори“ поставила три инсталации со фотографии од разни локации во Тетово заедно со нереализирани предизборни ветувања од страна на Општината, неколку луѓе со службен автомобил на Општина Тетово целосно ја уништиле и ја отстраниле изложбата. Со овој насилнички чин директно се напаѓа слободата на изразување и се кршат загарантираните човекови права и слободи. Истакнуваме дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконското користење службен автомобил на Општина Тетово, претставуваат дејства со кои во конкретниот случај засегнатите лица флагрантно ги прекршиле Уставот, Законот за јавните собири и релевантните меѓународни стандарди. Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш ќе поведе постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што ќе бара преземање конкретни мерки од страна на Општина Тетово со цел утврдување одговорност во најбрз можен рок. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР ќе биде побарано да се преземат неопходните мерки и активности.
Ваквиот вандализам, спроведен од општинските власти во Тетово за време на прикажувањето три инсталации што ја користат уметноста како форма на протест, личи на враќање на режимските практики на постапување од страна на властите во државата на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите што тие треба да ги застапуваат. Притоа укажуваме дека враќањето на довербата во локалните и централните власти може да се случи само ако се покаже бескомпромисност во борбата за заштита на слободите и правата на граѓаните и ако се почне со системско санкционирање на прекршувањата од страна на претставници на властите“ се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот.
Оттаму очекуваат Општина Тетово и Министерството за внатрешни работи сериозно и неодложно да се зафатат со расчистување на денешниот инцидент и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

