Економија
Почна осмото издание на самитот „Македонија 2025“
Од денеска, па сѐ до 15 ноември, Скопје ќе биде место каде што ќе се собeрат истакнати домашани, регионални и странски експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемаштвото, лидерството, иновациите и технологиите.
Во целокупната програма се планирани бизнис-натпревари за стартапи и средношколци, над 15 панел-дискусии, неколку засебни тематски сесии, интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности. Некои од темите на кои ќе се говори се глобалните и геополитички трендови, можностите за финансирање мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформ компании и други интересни дебати.
„Самитот има цел да претстави одлични економски и бизнис-примери, да поттикне реформи и ширење иновации. Покрај одредени стандардни теми, кои ги покриваме секоја година, како, на пример, глобалните геополитички трендови и импликации врз регионот, оваа година имаме две главни теми. Првата е, кусо кажано, индината на професиите и вештините. Имено, ќе зборуваме за тоа кои се вештините што ќе ни требаат во иднината, кои професии ќе постојат, а кои ќе изумрат и слично. Втората главна тема се иновациите за намалување на аерозагадувањето. На оваа тема практично имаме три панели. Сакаме да ги донесеме заедно сите фактори: компаниите, владините институции, невладиниот сектор, едукативните институции, донатори кои финансираат вакви проекти итн. Да се обидеме да направиме вистинска промена“, изјави проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“.
Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на „Македонија 2025“, осврнувајќи се кон целта на организацијата, вели дека таа е за промовирање економски равој, лидерство и образование.
„Имаме добра соработка со бизнис-заедницата, стопанските комори во земјата, Владата, академијата и други засенати страни. Овде има огромни шанси за успех и светла иднина. Еден од начините на презентирање на нашите успешни приказни е токму преку самитот ‘Македонија 2025’. Верувам дека со поддршка од бизнисите и релеватните институции во земјата можеме да постигнеме многу повеќе“.
Вечерва, самитот ќе биде неофицијално отворен со видеообраќање на Хари Кремер, универзитетски професор на престижната Келог школа за менаџмент во САД, автор бестселер на темите менаџмент и лидерство, поранешен извршен директор на компанијата „Бакстер“, како и влијателен советник. Во интерактивна сесија на прашања и одговори со Мајк Зафировски, еден од основачите на „Македонија 2025“, ќе говори за тоа како да станете лидер базиран на вистински вредности.
„Преку самитот ‘Македонија 2025’ организацијата помага во поврзувањето компании и поединци, влијае на начинот на размислување и постапување и, меѓу другото, генерира напредни идеи. Преку интервјуто со господинот Кремер ќе дадеме претстава за она што секој деловен професионалец и претприемач посакувакува да го знае, а тоа е како да се изгради организација од светска класа преку лидерство засновано на добри вредности. Особено сме возбудени за оваа сесија затоа што ни овозможува да слушнеме како размислуваат умовите на искусните лидери во бизнисот“, истакна Мајк Зафировски, основач и претседател на The Zaf Group и соосновач на „Македонија 2025“.
Официјалното отворање на самитот ќе биде утре со поздравни обраќања од страна на Ана Арсов, претседавач на самитот и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“, Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, Зоран Заев, премиер на Република Северна Македонија, и Кејт Мари Брнс, амбасадор на САД во Република Северна Македонија.
„Македонија 2025“ е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Остануваме посветени на нашата мисија да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и посилна нација, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и за странските инвеститори. Промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемаштвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

