Македонија
Шилегов: Никогаш да не згасне споменот за нашите ослободители
Делегации од земјава и странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата, во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ.
„Секој град има посебни датуми во својата историја. Некои градови го слават денот на своето основање, некои го слават денот на својот заштитник, но зар има поголема, повеличествена прослава од тоа да се чествува слободата?! Слободата што ја извојувавте вие, ценети наши борци. Вие што ја жртвувавте својата младост за ова што го живееме денес. Искрено, се радувам што Скопје не слави некакви легендарни основања и митски војсководци, туку го слави највисокиот идеал на секој човек – слободата! Но, ниедна борба за слобода не е лесна, а најмалку нашата. Многу борци ги положиле своите животи за нашата подобра иднина, а меѓу нив и оние чија дејност целосно била поврзана за Скопје: Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски-Корчагин, Александар Урдаревски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Дане Крапчев, Боро Петрушевски… Овој наш град го загуби речиси целото свое еврејско население, а во текот на војната животите ги загубиле 4.654 граѓани на Скопје, од кои 956 во борбите, а 3.698 како жртви на фашистичкиот терор“, потсети градоначалникот Шилегов во своето обраќање пред присутните пред Споменикот на ослободителите.

Тој повика уште еднаш да ја оддадеме нашата длабока почит кон сите оние што го дале својот живот за слободата на градот и кон сите преживеани борци, кои се тука да нè потсетат за тој 13 ноември пред 75 години.
„Да не потсетат на многубројните херојски борби, кои со нескриен слободарски дух се водеа тој ден на скопските улици и уште еднаш како и во секоја наредна година да ги пренесат спомените на новите генерации што доаѓаат, како идни граѓани на овој град. 13 Ноември нè обврзува на почит и верност кон овој град за да не заборавиме колку е скапа слободата. Ако сите го сакаме овој град како што го сакаа нашите ослободители, тогаш Скопје несомнено ќе биде поубаво место за живеење. Нека ни се честити 75 години слободно Скопје и никогаш нека не згасне споменот на нашите ослободители“, рече денеска Шилегов.

Пред Споменикот на ослободителите на Скопје цвеќиња и венци денеска положија и делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ; делегација на Советот на Град Скопје; делегација од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија; делегација од Владата и од Собранието на Република Северна Македонија; делегации на дипломатскиот кор, политичките партии, oпштините на Град Скопје, јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје; делегација на Црвениот крст и граѓани на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

