Македонија
„Никофон“ платил 1.800 место 5.000 денари за квадрат за гаражата кај „Аутомакедонија“, Центар бара раскинување на договорот

Заедно со граѓаните до крај ќе се бориме кај „Аутомакедонија“ да не се изгради катна гаража, туку парцелата да им се врати на станарите и да се користи како паркинг, рече денес градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Никофон“, сопственикот на земјиштето превидено за катна гаража, од денес може да почне да гради оти добил судска одлука со која го добил и владението на парцелата, документ што досега му недостигал оти за парцелата владение имала фирмата „Паркинзи на Општина Центар“. Од паркингот предвиден да стане гаража висока 29 метри, градоначалникот Богдановиќ денес ги повика истражните органи да постапат по кривичните пријави поднесени за парцелата против „Никофон“ од станарите, како и по пријавите од Општината.
„Ова земјиште е продадено на јавна лицитација во 2012 година од тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со намена за изградба на катна гаража од 29 метри, на донесен ДУП 2011 година, а потоа менуван или усогласуван заради потребите на самите инвеститори и за усогласување на сите овие градби што се никнати потоа. Во согласност со уредбата за продажба на јавно земјиште цената се формира во согласност со намената. Тука имаме 70 отсто катна гаража и 30 отсто деловен објект. Ако се земат цените што се во уредбата за продажба на јавното земјиште, се доаѓа до цена од 5.000 денари почетна цена, а овде таа е 1.800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, со тоа не треба да има ни договор, а паѓа и одобрението. По преземањето на земјиштето, ги добивме и предметите и тие што веќе биле завршени, така што до Јавното обвинителство веќе поведовме постапки за основано сомневање за оштетување на буџетот и злоупотреба на службената должност и чекаме одговор“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Со ревидирањето на детаљниот урбанистички план градоначалникот Богдановиќ вели дека не можеле да ја избришат катната гаража бидејќи во Општината веќе имало почнати првни процедури за објектот. „Никофон“ доби одобрение за градење во 2014 година кога градоначалник на општина Центар беше Андреј Жерновски.
„Одобрението за градење е со важност од 6 години, во 2020 истекува рокот, до тогаш треба да се изгради. Ние ќе направиме сè до тоа да не дојде“ , вели градоначалникот Богдановиќ, кој се сомнева дека инвеститорот брза за да го почитува рокот од одобрението за градење.
И станарите од зградите до парцелата и градоначалникот се пожалија дека Обвинителството со години не постапува по поднесените кривични пријави, па затоа одлучиле и јавно да ги повикаат.
„Сметам дека со овој начин малку ќе се освестат за да направат некои чекори оти ние нашето сме го направиле, граѓаните поднеле кривични пријави, никој не им одговара, ние поднесуваме како институција сомневања бидејќи сега ги имаме доказите во наши раце и веќе постапуваме и спремни сме тоа да го докажеме дека е така. Нека дојдат сите истражни органи, на крајот тука се и граѓаните со кои секојдневно споделуваме информации, еднаш засекогаш овие работи да се расчистат и да им се врати ова земјиште на граѓаните“, повика градоначалникот Богдановиќ.
За да ја спречат градбата, градоначалникот Богдановиќ вели дека му понудиле на „Никофон“ парично обесштетување или нова локација, но тој ги одбил сите предлози. Денес, кај парцелата беше и сопственикот Никола Настески, но остана на спротивната страна на паркингот, но не сакаше да даде изјава пред камера. Тој утрово кај парцелата за катната гаража беше дојден со екипа која со себе носеше инструменти за мерење на просторот, но не успеаја да дојдат до парцелата.
Кај парцелата цело утро имаше полиција, а стража најавија и станарите, кои се решени да дежураат на паркингот за да не дозволат да почне да се гради. Ним денес градоначалникот Богдановиќ им објасни дека Општината во следниот период јавно ќе ги покаже сите документи, кои укажуваат дека договорот за купопродажба на земјиштето треба да се раскине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) И пратеници трчаа на скопскиот маратон

Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Застана откупот на пиперката ајварка поради срамно ниски цени, дебакл на ВМРО-ДПМНЕ

„Деновиве се случува дебакл со откуп на индустриската пиперката ајварка. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека е договорена цена на откуп од 45 денари за килограм денес откупот е застанат целосно. Пиперката е на нивите а цената е 20 денари за килограм. Катастрофа“, кажа денеска прес-конференција Александар Димитриевски, Комисија за земјоделство на СДСМ.
„Половина од годинешната реколта на пиперката стои на нивите а земјоделците незнаат што да прават со неа. Оставена е да скапува. Субвенциите од минатата година за пиперката се уште не се исплатени. Христијан Мицковски наместо да тера лажна кампања во земјоделството да ги повика производителите на индустриската пиперката заедно со преработувачите да седнат и да договорат динамика на откуп и дополнителна финансиска поддршка за произведена и предадена ајварка во индустриските капацитети. Ова е една од најтешките години во земјоделството а ниту ВМРО ДПМНЕ ниту Трипуновски имаат капацитет да се справат, да разговара со земјоделците и да го одржи земјоделското производство, затоа наредната година ќе биде со рекордно најниско земјоделско производство. Лоша организација на откуп и финансиска поддршка кон сите стратешки извозно ориентирани култури. Токму најзастапените извозно ориентирани земјоделски култури се откупуваа и се откупуваат по далеку пониски цени од мината година. На земјоделците не им се потребни лаги туку реални политики, власта веднаш да преземе мерки“, истакна Димитриевски.
Македонија
(Видео) ЗНАМ: Обезбедуваме поддршка и квалитетни услови за живот на пензионерите во Куманово

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во редовното дневно претставување на изборната програма денеска зборуваше за пензионерите. Куманово е општина која е пријател на пензионерите. Затоа што, пензионерите се нашата мудрост, нашата совест и нашата историја.
Затоа, наша должност како општина е да обезбедиме поддршка, квалитетни услови за живот и активна улога во заедницата, за пензионерските денови да бидат исполнети со достоинство, сигурност и почит. Во нашата програма имаме запишано повеќе проекти и активности со кои ќе покажеме должна почит кон највозрасните наши сограѓани, изјави на денешната прес-коференција, кандидатката за советик во идниот мандат Гордица Бошковска.
Таа ги наведе приритетните проекти што се предвидени во нивната програма:
• Нов објект на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во с. Проевце за зголемување на капацитетите и обезбедување поквалитетна грижа за повозрасните граѓани.
• Континуирана модернизација, проширување и подобрување на капацитетите во Домот за стари лица „Зафир Сајто”, со цел создавање подобри услови.
• Програми за поттикнување активен живот и поголема социјална интеграција на пензионерите.
• Субвенционирање на домашната нега и помош за пензионерите со попреченост.
• Поддршка на дневните центри за дружење, грижа и психосоцијална поддршка.
• Еднократна финансиска поддршка за пензионерите од социјално загрозените категории.
• Поддршка на пензионерските клубови за рекреација: шах, фитнес за возрасни, прошетки и групни активности.
• Субвенционирање на наменски пензионерски групни екскурзии во земјата.
• Поддршка за домување за ранливите категории пензионери.
• Вклучување на пензионерите во советодавните тела на Општината.
• Менторски програми во кои пензионерите со професионално искуство ќе работат со младите.
• Организација на меѓугенерациски културни и образовни проекти.
• Организација на културни и спортски настани посветени на пензионерите.
• Поддршка на едукативни работилници за здравствена заштита, лична безбедност, како и финансиска и дигитална писменост за пензионери.
• Поддршка на здруженијата на пензионерите и организирање заеднички настани и забавни активности за пензионерите.
• Ваучер за користење на Кумановска бања за пензионери кои имаат здравствени потреби.
Според Бошковска, ваквите проекти, само покажуваат дека ЗНАМ во континуитет води сметка за повозрасните жители на Куманово. Вистинската сила на едно општество не се мери само со современите згради и новите патишта, туку и со почитта што има ја даваме на оние што ја трасирале патеката пред нас. Затоа Куманово го правиме општина што е вистински пријател на пензионерите, општина што слуша, разбира и подава рака. Ние сме општина во која постарите не се заборавени, туку се ценети и вклучени, вели таа.