Македонија
(Видео) Царовска: Речиси 700 фантоми, кои немаат документи, ќе добијат граѓански статус
Околу 700 лица, од кои повеќето деца, немаат извод од Матичната книга на родените и не се запишани никаде во системот, а со тоа немаат никакви социјални и здравствени права. Овој проблем ќе го решиме со предлог-законот што веќе го усвоивме во Владата, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по средбата со граѓани од Шуто Оризари, кои го имаат овој проблем.
„Важно е дека во минатите 5-6 години се калкулира со разни бројки. Ние во проект од април до ноември 2018 вклучивме службеници и овластени лица, кои заедно ги попишаа овие лица и стигнаа до бројка од речиси 700“, изјави Царовска.
Таа нагласи дека со законските измени овие граѓани, кои се нарекуваат и фантоми, ќе стекнат својство на лице со посебен граѓански статус заради остварување право за образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување. Со ова, рече министерката, ќе се подобри и квалитетот на нивниот живот.
Министерката истакна дека ова е само прв чекор и се надева дека најбргу што може ќе се најде и трајно решение. Предлог-законот набргу ќе се најде на дневен ред во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.

