Македонија
„Танјуг“: Франција е за постепен пристап и ревирзибилност на процесот

Постепено пристапување, отворање на структурни фондови на ЕУ, но и построга политика на условување и ревирзибилност на процесот на проширување се четирите принципи на кои се заснова францускиот предлог за реформите на политиката на проширувањето на ЕУ, дознава српската новинска агенција „Танјуг“ во Брисел.
Франција четири дена пред министерскиот состанок на Советот на ЕУ, закажан за 19 октомври во Брисел, до земјите членки доставила документ кој содржи предлог-принципи врз кои би требало да се заснова новата методологија на политиката на проширување.
Во документот до кој „Танјуг“ имал увид, се нагласува дека Франција недвосмислено пружа поддршка за европска перспектива на земјите од Западен Балкан.
Се наведува дека блиските врски со ЕУ се единствениот пат за земјите од регионот да ги изградат, односно да ги консолидираат своите земји на основа на владеењето на правото, да продолжат со економскиот и социјалниот развој, на младите да им обезбедат иднина и да ја промовираат политиката на проширување.
„Обновениот принцип на пристапување произлегува од неопходноста да се поддржат земјите од Западен Балкан во реформите кои се неопходни за целосно да се усогласи владеењето на правото со општите ЕУ стандарди“, се вели во францускиот документ.
Првиот француски предлог е заснован на принципот на постепено пристапување кон Унијата.
Покрај постепената имплементација на обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ, земјите кандидати би требало да добијат и одредени „права“.
Едното од нив се однесува на зголемување на финансирањето низ претпристапните фондови, но и низ пристапните фондови наменети за земјите членки.
„Земјите кандидати на тој начин би можеле да добијат средства од структурните фондови на ЕУ, постепено, во зависност од степенот на пристапување и спроведувањето на реформите“, се наведува во францускиот документ.
Французите во документот се залагаат за т.н. „реверзибилност“ на процесот на проширување, односно за принцип на санкционирање на земјите кои назадуваат на патот кон пристапувањето.
Извори од Советот на ЕУ за „Танјуг“ велат дека се очекува министрите за општи работи на состанокот на 19 октомври како последна точка на дневниот ред да ја разгледаат ситуацијата во областа на политиката за проширување и пристапниот процес, но не се очекува и дефинирање на конкретните заклучоци од Советот на ЕУ.
Се наведува дека министерската дискусија во вторник ќе биде насочена најмногу кон дефинирањето на временската рамка кога станува збор за политиката на проширување на ЕУ.
Од финското претседателство со Советот на ЕУ потсетуваат дека станува збор за „транзициски“ период во инстуциите на ЕУ и се чека формирањето на новата Европска комисија која би требала, доколку е тоа побарано од земјите членки, да ја изработи новата методологија на политиката за проширување.
На правашањето на „Танјуг“ кога може да се очекува од лидерите на ЕУ да се вратат конкретно на прашањето за политиката на проширување, во Советот на ЕУ сметаат дека тоа нема да се случи пред Европскиот самит идната година.
„Претходно ќе мора конкретно да се утврдат и договорат некои елементи од политиката на проширување за да не дојде повторно до ќор-сокак, што се случи во октомври“, наведуваат извори од Советот.
Се додава и дека во ЕУ веќе не сакаат да гледаат блокади, туку сето она што се прави е подготвка за деблокирање на процесот на пристапување, конкретизирање и воспоставување консензус за политиката на проширувањето помеѓу земјите членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.