Економија
ММФ: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав

Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, оцени тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којшто престојуваше во нашата земја заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. Во текот на изминатитe денови тимот имаше повеќе работни средби со претставници на Народната банка и на Министерството за финансии.
Во Заклучокот на тимот на ММФ е укажано и на фактот дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви. Според тимот на ММФ, во иднина, доколку дојде до влошување на надворешното окружување, Народната банка треба да биде подготвена да ја заостри монетарната политика.
Банкарскиот систем, според оцените на тимот на ММФ е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Тековните активности за окрупнување на системот ќе придонесат за негово консолидирање и за подобрување на неговата ефикасност. Тимот на ММФ оценува дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, доколку е тоа потребно, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.
Во Заклучокот на тимот на ММФ се истакнува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет. Истовремено е изнесена позитивна оцена за продолжувањето на активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка. Овие активности се преземени во согласност со Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (ФСАП) којашто беше спроведена минатата година. Како што заклучува тимот на ММФ, истовремено се подготвува и регулатива со којашто ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.
Тимот на ММФ нагласува дека е од особена важност што во нашата земја има посветеност на реформите. Како што е наведено, спроведените клучни институционални реформи ја покажаа посветеноста на носителите на политики кај нас за справување со долгорочните предизвици. Тимот на ММФ порачува дека е важно да се остане на патот на реформите, со цел дополнително да се подобри отпорноста на нашата економија на шокови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.