Македонија
Османи се сретна со Тимоние: „Процесот на интегрирање во ЕУ не е запрен“
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со францускиот амбасадор во земјата, Кристијан Тимоние, на која главна тема беше нон пејперот подготвен од страна на Франција, a во кој се содржани иницијативите на француската држава и претседателот Макрон за реформа на методологијата и начинот на кој би се одвивале преговорите за проширување на Европската Унија во иднина.
„Самата содржина на иницијативата, но и брзината со која Франција излезе со оваа иницијатива, на само еден месец од октомвриските самити, покажува дека процесот на европско интегрирање на целиот регион, а со тоа и на земјава, не е запрен, туку тече со солидна динамика“, истакна Османи потенцирајќи притоа дека иницијативата е веќе испратена до земјите членки, кои веќе работат на неа, што укажува на фактот дека процесот се движи, изразувајќи притоа и надеж дека набргу може да се очекува нова методологија, која ќе овозможи почеток на преговорите со ЕУ.
За време на средбата, вицепремиерот Османи изрази благодарност до Франција и амбасадорот Тимоние за инклузивноста со која се гради овој процес вклучувајќи ги и земјите што преговараат и очекуваат да го почнат овој процес, како и за прецизноста со која се потврдува поддршката од страна на Франција за европските перспективи на целиот регион.
„Веројатно, најважната компонента на овој документ претставува јасната и недвосмислена потврда дека главната цел на преговроите претставува полноправно членство во Унијата, со што се затвораат сите шпекулации за разни алтернативни и асоцијативни членства и што го враќа процесот на европско интегрирање на земјите од Западен Балкан во негова целосна ширина“, истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Теретана на отворено за прв пат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од општината.
Македонија
Вицегувернерката Нацевска: Продолжуваат активностите на Народната банка за развивање на домашниот финансиски пазар
„Ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога. Оттаму, Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите останати чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар“, порача вицегувернерката Емилија Нацевска во обраќањето на 29-тото годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ коешто се одржа во Струга.
Во обраќањето, Нацевска нагласи дека Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар.
„За задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можностите за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), како во Народната банка, така и од страна на банките. Оттаму се и очекувањата дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и репо-договори со меѓународната практика“, порача Нацевска.
Поволните движења на девизниот пазар коишто беа забележани минатата година се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од останатите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за довербата во домашната валута. „Ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, коишто беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата“, кажа Нацевска. Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот на тековната година влијаат поволно врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурната зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута.
Македонија
Одземена дрога испратена во мала пратка и огнено оружје од скопјанец
Одземени 30 грама дрога и пиштол од скопјанец, по заедничка акција на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа и крим полицијата при МВР.
Дрогата е откриена при претрес на лицето извршен откако истото подигнало пратка во Пошта пристигната од Германија. Во координација со дежурен јавен обвинител, инспектори од Секторот за контрола и истраги заедно со припадници од МВР извршија и претрес во домот на лицето каде е пронајден пиштол кој е одземен од страна на царинските инспектори, соопшти Царинската управа.
Против лицето ќе биде поведена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Царинската управа согласно приоритетите во континуитет спроведува акции за сузбивање на сите форми на криминал, грижејќи за безбедноста на своите граѓани, додаваат во соопштението.