Македонија
Зелената градба ќе ги намали трошоците
Македонскиот совет за зелена градба со поддршка на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), започнува со зеленото делување, создавање нови трендови во градежништвото, како и подигње на јавната свест на национално ниво за промовирање на праксата и технологијата на зелена градба.
„Одржливост на градбата, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, ќе генерира одржлив раст во градежниот сектор, креирање работни места, зголемување на енергетската сигурност како и намалување на сиромаштијата, бидејќи увозот на нафта и гас во Европа чини стотици милијарди евра секоја година. Исто така, ќе се подобрува испораката на јавните услуги, а финансиските придобивки од зелена градба ја зголемуваат можноста за продажба и закуп, помагаат да се намалат капиталните расходи како и намалување на ризикот од прописите кои бараат скапи модификации на објекти. Го предводиме преодот на пазарот со недвижности кон одржливост и заштита на животната средина и преку тоа кон подобар живот за сите луѓе во Република Македонија“, изјави Сеад Кочан, претседател на Македонскиот совет за зелена градба и заменик претседател на ССК.
Според претседателот на ССК, Данела Арсовска, зелената градба, позната како одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на целиот животниот циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање како и уривање.
„Трошоците при зелена градба се само од 1 до 5 отсто повисоки и корисникот на станбениот или деловниот простор преку заштедите кои ќе ги оствари ги враќа овие средства во првата година, бидејќи заштедата на електрична енергија е околу 30 отсто, додека на вода околу 40 отсто на годишно ниво. Концептот на зелена градба е од огромно значење не само за градежниот сектор туку и за секој граѓанин на Република Македонија, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот како и на животната средина“, изјави Арсовска.
Со цел следење на европските директиви, нагласи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, со последните законски измени на Законот за градење се изврши усогласување со Законот за енергетика.
„Од 1 јануари 2015 година за сите нови градби ќе биде задолжително поседување сертификат за енергетска ефикасност. Кога се аплицира за одобрение за градење, самиот проект треба да содржи потврда за енергетска ефикасност. Тоа ќе се бара и при значителна реконструкција на градбите, со исклучок на индивидуалните објекти“, рече Јанакиески.
Тоа треба да доведе до пониски трошоци за домаќинствата и за компаниите, особено во делот на заштеда на енергијата.
Според заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, заштитата на животната средина не треба да биде ограничена од економската и социјалната развиеност.
„Постојниот дел на потрошувачката на енергија во градежниот сектор опфаќа 39 отсто од севкупната потрошувачка на електрична енергија, станбениот сектор користи приближно 80 отсто од енергијата потребна за објектите, а објектите дополнително користат 69 отсто електрична енергија и 40 отсто од топлинската енергија за која со комбинирано производство се емитираат приближно 71 отсто од годишните емисии на CO 2“, рече Темелковски.
Според него, енергетските трошоци заземаат огромен дел од националните и локалните буџети./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

