Македонија
Царовска: Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата без документи

Владата усвои Закон за лицата нерегистрирани во матичната книга на родени и истиот се очекува наскоро да го изгласа и Собранието, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во нејзиното воведно обраќање на nационалната конференција „Проценка на напредокот на Република Северна Македонија во спроведувањето на јавните политики кон ромската заедница“ организирана од „Ромалитико“.
„Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата неевидентирани во матичната книга на родените, познати како фантоми. Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот предлог-закон кој го утврдивме на седница на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес“, истакна Царовска.
Управата за водење матични книги во соработка со МТСП на 1 април 2018 година објавија јавен повик до сите лица кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а не се евидентирани во матичната книга на родени. Тие беа повикани да дојдат во канцелариите на матичните служби за да пополнат прашалник во кој ќе ги наведат своите податоци. Јавниот повик траеше до 1 ноември 2018 година и беа пријавени 700 лица.
Царовска рече дека од 2006 година се работи на вклучувањето на децата Роми во предучилишно образование.
„Секоја година 400-450 деца без паричен надоместок се вклучуваат во детските установи. Во јануари 2019 година им се препорача на градоначалниците во 18 општини да ги свикаат Советите на општините за да донесат одлука за ослободување на родителите на ромските деца со ниски примања или без примања од плаќање на партиципацијата за престојот на нивните деца. Градоначалниците одговорија позитивно на оваа препорака“, рече Царовска.
Отпочнат е процесот на трансформација на Ромските информативни центри кои се многу значајни за поддршката на Ромите во остварувањата на нивните права. Со воведувањето на управување со случај во Центрите за социјални работи, социјалните работници директно на терен ќе работат со најранливите лица сè до нивно извлекување од сиромаштија. Исто така, тече и активација на овие лица на пазарот на трудот. Отпочната е АЦЦЕДЕР-програмата за работно ангажирање на оваа категорија на лица преку обука на работно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.
Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат

Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.
Македонија
На Табановце се чека 40 минути

Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава. На граничниот премин „Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.