Регион
Вучиќ: Тие што се надеваа дека ќе ме снема, ми даваат сила да се борам уште повеќе

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги отфрли шпекулациите дека новинарските прашања биле причина за неговото влошено здравје.
На прашање за здравствената состојба, Вучиќ кажа дека новинарите немаат никаква врска со тоа.
„Хронично сум болен, плус акутните проблеми што ги имав во тој момент. Тоа секогаш се случува. Доаѓа како совршено невреме. И денеска сум болен и под целодневна терапија и тоа не е тајна. Тоа е моја работа и никој нема врска со тоа“, рече Вучиќ, кој подвлече дека не е во најдобро здравје, но оти ќе продолжи да се бори.
Како што повтори, не би било фер и коректно да се инсинуира дека неговите здравствени проблеми имаат никаква врска со новинарите.
„Нема да зборувам колкава е мојата преткомора и да навлегувам во детали. Што има врска тоа со вас? За вака да се влоши состојбата потребни се децении, а не еден ден, кој инаку ми донесе големо политичко задоволство“, додаде тој.
Вучиќ рече дека неговото здравје е нарушено поради тоа што му го дала природата, од неговата небрежност и нередовното земање на лекови за срце и хипертензија.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите што се грижеа. Не беше убава вечерта од петокот кон саботата. Ви благодарам за вашата загриженост, a особено благодарам на оние што сакаа да исчезнам, затоа што ме мотивираат да се борам за Србија уште повеќе, похрабро и порешително отколку што го правев тоа до вчера“, истакна тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.