Економија
Димковски: Имаме квалитетен тутун, очекуваме непречен откуп и висока просечна откупна цена

Денеска и официјално почна откупот на тутун од реколтата 2019 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, за време на посетата на Тутунскиот комбинат Прилеп и на откупните пунктови на компаниите што вршат откуп на тутун во Прилепскиот Регион, рече дека и оваа година се очекува стабилен откуп со високи просечни откупни цени на тутунот.
„Тутунот ќе го откупуваат девет компании. Сите компании имаат обезбедени средства за исплата. Инспекторите ќе бидат на терен и ќе ја следат состојбата со откупот. Од нашите податоци можеме да кажеме дека вкупно се евидентирани 226 мостри и 210 откупни пунктови. 204 мостри се од типот Прилеп, а 22 се од типот ‘јака’. Годинава вкупно биле засадени 13.342 хектари тутун и склучени биле 32.798 договори со девет компании. Издадени се 20.933 евидентни листови. Очекуваме околу 6 проценти поголемо производство на тутун. На откупните пунктови и на вагите има лиценцирани контролори и повереници на тутунарите кои ќе го следат откупот. Очекуваме добар и непречен откуп. Со оглед на најавата дека квалитетот на тутунот е подобар, очекуваме да се постигне и повисока откупна цена од ланската“, истакна министерот Димковски.
Вкупното производство на тутун од реколтата 2019 изнесува над 26.700 тони тутун, што е за 6 отсто повеќе од реколтата 2018. Оваа година се исплатија 29 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2018. Со новиот модел на зголемени субвенции што го воведе Владата на Република Северна Македонија, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.
Министерот Димковски посочи дека со новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, којшто е изгласан и стапи на сила, ќе се решат отворените прашања кои досега го оптоваруваа производството и откупот на тутун. Според законските измени, за тутунот од реколта 2020 ќе се укинат евидентните листови. Ќе се изврши усогласување на календарот на активности (подготовка на земјиштето, расадопроизводството, садење, берба, сушење и откуп) со роковите за пријавување на производството на тутун, склучувањето на договорите и крајниот рок на завршување на откупот на тутун од страна на откупувачот на тутун. Новото законско решение овозможува транспарентност во врска со содржината на договорот кој треба јавно да се објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб-страницата на откупувачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.