Свет
САД им продава оружје на Индија и Мароко во вредност од над пет милијарди долари
Американскиот Стејт департмент одобри продажба на оружје на Индија во вредност од 1,21 милијарди долари и на Мароко во вредност од 4,25 милијарди долари.
„Министерството за надворешни работи одобри на Индија да ѝ се продадат 13 парчиња морнаричко оружје од типот МК-45 и соодветна опрема во вредност од 1,21 милијарди долари“, се наведува во соопштението на Агенцијата за безбедносна соработка на САД.
Се нагласува дека за оваа продажба е известен и американскиот Конгрес, кој има право на приговор во рок од 30 дена.
Во друго соопштение е наведено дека Стејт департментот одборил продажба на 36 хеликоптери од типот АХ-64Е Апач, на Мароко, во вредност од 4,25 милијарди долари.
Претходно беше објавено дека оваа северноафриканска држава сака да ги купи хеликоптерите уште од 2018 година. Американските медиуми пренесуваат дека Мароко размислувало за купување на турски борбени хеликоптери Т129 АТАК.
Мароко, исто така, планира да купи 551 АГМ-114Р Хелфајр ракета, АГМ-144Л Хелфајр ракета како и АИМ-92Х Стингер ракета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Израел да го прифати предлогот за прекин на огнот во Либан
Високиот комесар за надворешни работи и безбедност на ЕУ денеска ја повика израелската влада да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, кој според него ги содржи сите неопходни безбедносни гаранции за Израел.
Жозеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија изјави дека нема оправдување за неприфаќање на договорот и смета дека треба да се изврши притисок врз Израел веднаш да го одобри планот.
„Да се надеваме дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе го одобри договорот за прекин на огнот предложен од САД и Франција. Нема повеќе изговори и барања“, рече Борел.
Според висок израелски функционер, се чини дека Израел може да го прифати американскиот план за прекин на огнот со Хезболах.
Израелскиот безбедносен кабинет се очекува да се состане подоцна денеска за да разговара и евентуално да го одобри текстот на состанокот со кој претседава премиерот Нетанјаху, рече претставникот.
Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб изјави дека се надева оти до вечерва ќе биде постигнат прекин на огнот за ставање крај на борбите меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах.
Борел како една од спорните точки на планот го наведе учеството на Франција во комитетот за следење на прекинот на огнот со кој претседаваат САД. Борел потврди дека Либан конкретно побарал Франција да биде вклучена, но дека Израелците биле амбивалентни околу учеството на Франција.
„Тоа е една од точките на планот што ни недостасуваат“, рече Борел.
Предлогот подразбира повлекување на израелската армија од јужен Либан и распоредување на редовни сили на либанската армија во пограничната област, упориште на Хезболах, во рок од 60 дена.
Свет
Борис Џонсон ја обвинува англиската црква за зголемувањето на дебелината во земјата
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон рече дека верските водачи треба да се справат со духовната празнина наместо со репарации за ропството бидејќи, како што рече, духовната празнина ги тера луѓето да јадат.
Тој ја обвини англиската црква за порастот на дебелината во Обединетото Кралство велејќи дека неуспехот на црквата да им обезбеди на луѓето духовна храна што им е потребна ги навела луѓето да се прејадуваат, пишува „Тајмс“.
Џонсон рекол дека кога бил помлад, ретко кој од неговото одделение бил дебел.
Регион
По апсењето за трагедијата во Нови Сад, Весиќ штрајкувал со глад и одбил помош, денеска итно пренесен во болница
Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, утрово со возило на брзата помош од притворот во Нови Сад бил пренесен во болницата во Сремска Каменица.
Како што е објавија српските медиуми, поради нагло влошување на неговата здравствена состојба, по шестдневен штрајк со глад и одбивање лекарска помош, управата на Окружниот затвор во Нови Сад го известила Вишиот суд дека е неопходно тој да биде префрлен во болница.
Управникот на Окружниот затвор во Нови Сад, Миле Јандриќ, за „Танјуг“ изјави дека Весиќ, по специјалистичкиот преглед, е задржан на одделението за коронарна интензивна нега со одобрение на судијата за претходна постапка.
Весиќ беше уапсен и приведен во Нови Сад поради падот на натстрешникот на железничката станица во овој град на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а двајца сè уште се во критична состојба.