Македонија
Борисов објави видео од средбата со Мицкоски: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека го поддржува договорот со Бугарија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, во Загреб, му кажа дека партијата го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија.
Видеото на кое се слуша како тој зборува и бугарски, на „Фејсбук“ го објави Борисов.
„Сè што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија, ние поткрепиме, тука, исто така, не треба да има дилема“, рече Мицкоски, половина на македонски, а половина на бугарски јазик, на прашањето на Борисов: „Дали ВМРО-ДПМНЕ го поддржува Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија?“.
На ова, бугарскиот премиер рече дека тоа е многу важно и дека е важно да се слушне јасно.
На видеото се гледа како Мицкоски зборува и за евроатлантската ориентација на ВМРО-ДПМНЕ и, полу на македонски, полу на бугарски јазик, кажа дека тој се школувал во Италија, дека меѓународниот сектретар на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски се школувал во Америка и дека Влатко Ѓорчев бил женет со Американка.
По средбата, Борисов изјави дека добил уверување од Мицкоски дека ЕУ и НАТО се приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Антибугарската реторика не само што мора да биде забранета, туку и не е правилна. Не бевме окупатори на никој. Читањето на историјата е таква каква што ја напишале историчарите и каква што со векови ја прифаќаме. Ако сакаат да напредуваат, вредностите се јасни“, рече Борисов.
Вчера од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение од средбата, во кое беше наведено дека Мицкоски и Борисов разговарале за актуелните политички случувања во земјата, односите меѓу двете држави, но и европската перспектива на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

