Економија
Димовски на презентација на буџетот: Вложувањето во земјоделците значи вложување во државата

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска го презентираше буџетот за 2020 година за секторот земјоделство, кој подразбира неколку институции кои имаат посебни буџети, но сите имаат подеднакво важен придонес во развојот на земјоделството.
Конкретно, тоа се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Управата за хидрометеоролошки работи.
Вкупните основни предлог-буџети на сите седум институции за следната 2020 година се во износ од над 9,4 милијарди денари. Димковски посочи дека најголем дел, односно над 7,4 милијарди денари, се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, над една милијарда денари припаѓаат на МЗШВ, 630 милиони денари е буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство и останатите средства за другите институции од секторот земјоделство.
„Планираната вкупна финансиска поддршка за секторот земјоделство за следната година е над 7,3 милијарди денари, пари кои директно ќе се вложат во развој, модернизирање и приближување на македонското кон европското земјоделство. За следната година, над 6,5 милијарди денари се планирани за навремена исплата на субвенциите за мерките од растителното и сточарското производство во Програмата за директни плаќања. Оваа програма, која секторите веќе ја подготвуваат, ќе содржи нови и изменети мерки, кои ќе придонесат за одржливо и рентабилно земјоделско производство. 800 милиони денари се планирани за мерките од оваа програма, коишто овозможуваат покривање на трошоците за капитални инвестиции во преработувачки капацитети, поддршка за руралната инфраструктура, изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште, промоција на македонските земјоделски производи, инвестиции во подигање повеќегодишни овошни и лозови насади, набавка на приплодни грла. Ваквите инвестиции ќе овозможат земјоделците да остварат поголеми приходи“, изјави Димковски.
Притоа Димковски потенцираше дека посебен акцент следната година преку Програмата за рурален развој ќе се стави на поддршката за младите земјоделци и жените да се занимаваат со земјоделство.
„Со последните измени на Законот за земјоделство и рурален развој, освен постоечката мерка за започнување на земјоделска дејност наменета за младите земјоделци во износ од 10.000 евра, воведуваме уште една мерка за вршење земјоделска дејност за лица до 40 години, за која финансиската поддршка е 20.000 евра. Младите се нашата иднина. Преку овие мерки инвестираме во младите земјоделци, создаваме услови да се занимаваат со земјоделство, да останат во својот роден крај. Мерката за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство овозможува финансиска поддршка во износ од неповратни 180 илјади денари. Вложувањето средства во земјоделците значи вложување во развојот на државата“, изјави Димковски.
Следната година за инвестиции во водостопанската инфраструктура се планирани 830 милиони денари. Според утврдената динамика продолжува изградбата на системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, на хидросистемите Злетовица, Лисиче, Равен – Речица, како и на браните Конско и Речани. Дополнително, планирана е и надграда на каналите за наводнување и одводнување во рамки на подружниците на АД „Водостопанство“. Во делот на заштита на шумскиот фонд и одржливо управување со шумите следната година, за Програмата за проширена репродукција се планирани 18 милиони денари или 1 милион денари повеќе од годинава. Овие пари ќе се користат за пошумување на голини и ерозивни земјишта во државна и приватна сопственост, спроведување на одгледувачки мерки за подобрување на квалитетот и структурата на шумите, како и превентивна заштита на шумите од болести и штетници.
За Заштита на растенија, семе и саден материјал, или 73,5 милиони денари или 24,3 милиони денари повеќе од годинава. Од оваа сума, 27 милиони денари се за Фитосанитарната програма, односно 20 милиони денари повеќе од годинава. Сумата ќе се искористи за зголемување на фитосанитарниот мониторинг, што крајно ќе значи обезбедување на висок квалитет и безбедност на примарните земјоделски производи и заштита на здравјето на потрошувачите, а воедно и поголем извоз на европските пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со намалени тарифи, повеќе придобивки за граѓаните и компаниите

Халкбанк АД Скопје донесе одлука за намалување на дел од своите тарифи, во согласност со променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија. Со оваа одлука значително се намалуваат надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите, при што клиентите ќе добиваат уште поповолни услови за извршување на финансиските трансакции.
И досега, Халкбанк во многу сегменти нудеше атрактивни услови во однос на тарифите. Така, проверката на состојбата на било која картичка на банкомат била и е бесплатна, а сите приматели на плата или пензија преку Халкбанк со својата мастеркард дебит картичка можат да подигнуваат готовина на банкомати на било која банка во Македонија без провизија. Бесплатно е и повлекувањето готовина од платежна сметка во девизи.
Со новите промени, електронските интерни налози за физички лица отсега наместо 5 денари, ќе бидат бесплатни. Истовремено, цената на електронски, брзи меѓубанкарски плаќања (МИПС) за физички лица, се намалува од 100 на 50 денари, а кај хартиените МИПС налози преку шалтер на банката, новата цена е 80 денари по налог, односно, во овој дел извршено е намалување за 60% од досегашната тарифа.
И за правните лица цената кај електронските, интерни налози се намалува од 11 на 7 денари, како и кај електронските МИПС плаќања од 100 на 80 денари, во зависност од износот. Направена е измена и кај хартиените МИПС налози за правни лица, каде новата цена сега изнесува 200 денари т.е. направено е намалување за 33% од досегашната цена за овие трансфери.
Овие промени ќе имаат директна корист за сите клиенти, особено за оние кои активно користат дигитални канали и електронски плаќања.
Истовремено, на сила остануваат сите поволности кои досега Банката ги нудеше на своите клиенти.
Халкбанк на клиентите им нуди и посебни пакети во рамките на кои се добиваат низа поволности и намалени тарифи. За младите до 24 години е наменет HalkEz пакетот со кој се добива бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности. За пензионерите, освен што се врши редовна и навремена исплата на пензијата, креиран е и специјален Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби. А за оние кои ја примаат својата плата или пензија преку Халкбанк, наменет е и Смарт пакетот кој претставува комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден економичен месечен пакет. Тука се вклучени водењето на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилното и електронско банкарство, електронските налози, месечните известувања и подигнување готовина од сите банкомати во земјата. А пакетот нуди и подарок ORYХ Home Аssistance – без надоместок во промотивниот.
Дополнително, од 7 октомври Халкбанк ќе започне со извршување на прекугранични трансфери кон СЕПА (Single Euro Payments Area) системот. Во СЕПА регионот, кој опфаќа 41 земја членка и повеќе од 4.000 учесници, на сите клиенти – физички и правни лица – ќе им биде овозможено да извршуваат и примаат плаќања во евра под исти услови и со иста ефикасност како во рамките на националните граници.
Со ваквите чекори, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата стратегија да биде банка која ги поддржува граѓаните и компаниите со поповолни услови, современи дигитални решенија и интегрираност во европските платежни стандарди.
ПР
Економија
Мицкоски: Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30%

Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30% или 10 пати повеќе отколку импутот, изјави денес премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
„Во рамките на земјоделството се случува еден параметар кој што е многу значаен за економијата, за граѓаните, но и за земјоделците бидејќи трошоците при импутот, односно оние трошоци кои што им се потребни на земјоделците за да произведат се зголемуваат за од прилика 10 пати помалку, отколку цената по која што тие ги продаваат производите“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека трошоците на земјоделците за производ на одреден земјоделски производ се зголемени за нешто над 3%, а цената на производот со која го продаваат е зголемен за нешто повеќе од 30%.
„Да бидам попрецизен, импутот, односно оние трошоци кои што ги имаат земјоделците за да произведат одреден земјоделски производ се зголемени за од прилика 3%, нешто над 3%, а цената на производот која што тие ја продаваат е зголемена за повеќе од 30%, затоа велиме импутот е од прилика нешто над 3% зголемен, а додека пак аутпутот, цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемен за 30% или 10 повеќе отколку импутот, и тоа е добро, повеќе пари кај земјоделците, тоа значи поголем развој кај земјоделството, повеќе храна, помалку увоз“, појасни премиерот Христијан Мицкоски и додаде:
„Тоа беше еден од нашите врвни приоритети и во таа насока ќе продолжиме како Влада да се движиме“, додаде премиерот.
Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.