Македонија
Инсталирани фотоволтаични системи на 108 јавни објекти, се очекува заштеда од 190.000 евра
Со цел зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и за намалување на трошоците за електрична енергија, на институциите формирани од општините и на предлог-објекти од општините се реализираше Проектот за проектирање и поставување фотоволтаични системи во 36 општини и на 108 јавни објекти.

На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на Програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата, изнесува 20,667 милиони евра. Програмата ја имплементираше Министерството за финансии, во соработка со Светската банка како посебен сегмент за ИПА-рурални инвестиции во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги. Овие средства на општините им се доделуваат во форма на грантови за да ја подобрат инфраструктурата во руралните средини.

Во рамките на Министерството за финансии-МСИП, Проект за подобрување на општинските услуги со средства од ЕУ ИПА-грант успешно се реализираше Проектот за проектирање и поставување фотоволтаични системи во 4 региони и тоа:
– Источен Плански Регион, 11 општини: Берово, Виница, Делчево, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Штип, Зрновци;
– Југозападен Регион, 10 општини: Вевчани, Дебарца, Македонски Брод, Охрид, Дебар, Кичево, Пласница, Струга и Центар Жупа и Ресен;
– Полошки Плански Регион, 9 општини: Јегуновце, Маврово и Ростуше, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Теарце и Тетово; и
– Североисточен Плански Регион 6 општини: Кратово, Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково.
Фотоволтаичните системи се поставени во објекти на вкупно 68 училишта, од кои 11 за средно и 57 за основно образование. Од нив, 58 фотоволтаични системи се поставени на училишните згради и 10 на спортските сали при училиштата. 6 фотоволтаични системи се поставени на детски градинки, 18 на општинско-административни објекти, 2 системи на домови на култура, 3 на спортски општински сали и по 1 фотоволтаичен систем e поставен на здравствен дом, територијална единица за противпожарна заштита и тренинг-центар.

За намалување на трошоците за електрична енергија кај јавните субјекти инсталирани се 3 фотоволтаични системи на пречистителни станици за отпадни води, и тоа во Берово, Кичево и Македонски Брод, како и 4 системи на фабрики за вода за водоснабдителен систем (Штип, Струга-Шум, Гостивар и Тетово) и една пумпна станица за водоводен систем во Карбинци.
Кај ваквите објекти, каде корисникот работи 24 часа и е голем потрошувач, заштедите во потрошена електрична енергија може да изнесуваат од 28 до 82%, или 45% во просек месечно, односно 1.000 евра по објект за месец. Кај осумте вакви објекти со вградени фотоволтаични системи, заштедата годишно може да изнесува 96.000 евра.
Во јавните објекти од типот на општински-административни згради, училишта, градинки културни домови и слично (мали потрошувачи), заштедите во потрошена електрична енергија месечно може да изнесуваат од 20-76% (просечно 45%) што изнесува 80 евра по објект месечно. На 100 вакви објекти вградени се фотоволтаични системи и заштедата кај нив годишно може да изнесува 96.000 евра.Вкупната заштеда на средства за сите 108 објекти годишно може да изнесува околу 190.000 евра, соопшти Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Албанците зборуваа со еден глас, 10 општини за промени, им честитаме на Лимани и Шабани
„ВЛЕН е апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените“, велат од ВЛЕН.
„Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.
Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој“, се додава во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење објавен на ЕНЕР, отвораме јавна расправа пред неговото усвојување
Министерството за здравство информира дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.
-Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
„Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.
Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.
Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Македонија
СДСМ: Скршнување од стратешките правци – Мицкоски и Стоилковиќ ја водат Македонија во изолација
„СДСМ со длабока загриженост ги следи контрадикторните сигнали што ги испраќа актуелната влада на премиерот Христијан Мицкоски. Додека официјално се изјавува дека Северна Македонија е стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, во срцето на владата седи Иван Стоилковиќ, вицепремиер и најблизок соработник на Мицкоски, чии отворени проруски ставови и директни врски со Москва се сериозна закана за евроатланската ориентација на земјата“, велат од СДСМ.
„Ова не е само политичка хипокризија, ова е директно загрозување на националната безбедност и иднината на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Уште полошо, самиот премиер Мицкоски, и покрај јавните изјави за стратешка соработка со САД, со своите постапки и блиски врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, прави сѐ спротивно, водејќи ја Северна Македонија кон изолација слична на онаа во Србија, за да продолжи пљачката на државата и да се избегнат реформите.
Иван Стоилковиќ, со години е клучна фигура во руските обиди да го дестабилизира Балканот.
Уште во 2017 година, за време на политичката криза во нашата земја, Стоилковиќ патувал во Москва каде што, заедно со други балкански политичари, потпишал „Декларација за воена неутралност на Балканот“, документ поддржан од руски дипломати со јасна цел да се спречи пристапувањето во НАТО“, соопштуваат од СДСМ.
„Оваа посета била дел од поширокиот руски план да се осуети нашата интеграција во западните структури. Стоилковиќ бил активно вклучен во координацијата со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ од БИА, кој очигледно дејствувал и по руски инструкции.
Живаљевиќ, според истражувањата на OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) и македонските контраразузнувачки документи, дури престојувал во станот на Бранко Героски Геро, новинар и тогашен главен уредник на големи дневници (сега уредник и сопственик на Plusinfo.mk), кој е дел од мрежата на влијание поврзана со српските и руските интереси во регионот.
Оттаму и оркестрираниот напад врз СДСМ од страна на Героски, кој преку своите колумни и координација на активности со Деспотовски се обиде да го руши СДСМ одвнатре.
Неговата лојалност кон Москва не престанала ни по влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.
Напротив, Стоилковиќ отворено го критикувал влезот во Алијансата и се противел на Преспанскиот договор, клучен за решавање на спорот со Грција и отворање на патот кон НАТО и ЕУ.
Во мај 2023 година, присуствувал на „11. Меѓународен состанок на високи претставници за безбедносни прашања“ во Москва, организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација.
Таму бил во друштво на Александар Вулин, тогашен директор на српската БИА и познат проруски политичар, како и Милорад Додик, претседател на Република Српска, кој повеќепати е обвинет за промоција на сецесионизам и блискост со Кремљ.
Овие средби не се случајни, тие претставуваат директен канал на руско влијание врз нашата влада.
Како најблизок соработник на премиерот Мицкоски, Стоилковиќ го промовира концептот „српски свет“ (критикуван во извештајот од Европскиот парламент), кој е тесно поврзан со руската геополитичка агенда на Балканот.
Идејата за „српски свет“ настанала уште во времето на Слободан Милошевиќ, а најдобар ученик на оваа доктрина е токму Александар Вучиќ.
Поддршката на Стоилковиќ и на владата на Македонија за Милорад Додик, особено вклучувајќи го присуството на Стоилковиќ на контроверзната прослава на „Денот на Република Српска“, од пред два дена, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ, покажува нивна подготвеност за дестабилизација на регионот.
На прославата присуствувал Едвард Хусон, универзитетски професор и геополитички аналитичар.
Еве накратко за професорот, за граѓаните на Македонија…
Што се однесува до неговите анти-ЕУ ставови, Хусон е остар критичар на Европската унија, која ја гледа како потчинета на американските интереси и лишена од стратешка автономија.
Тој ја обвинува Европската комисија, особено Урсула фон дер Лајен, дека ги пречекорила своите овластувања со наметнување санкции кон Русија и дека текстот на санкциите е усогласен со Американците.
Хусон често ја критикува ЕУ поради поддршката за Украина, нарекувајќи ја „нео-фашистичка“ и обвинувајќи ја за хистерија кон Русија.
Ова не е само внатрешна политика, ова е директна поддршка на руските интереси, кои ги користат таквите врски за да ги ослабат НАТО и ЕУ на ниво на Западен Балкан.
Овие врски се протегаат до самиот премиер Мицкоски, кој длабоко ги развива односите со Вучиќ, гледајќи го како клучен регионален партнер, и покрај критиките од ЕУ упатени кон Вучиќ поради блискоста со Москва.
Мицкоски, иако јавно зборува за ЕУ интеграции, со своите постапки ја води Македонија кон изолација, слична на онаа што Вучиќ ја применува во Србија, избегнувајќи длабоки реформи (меѓу кои и реформите на правосудството) за да продолжи корупцијата и пљачката на државните ресурси.
Оваа изолација доаѓа од страв од новиот американски закон за Западен Балкан, кој подготвува задолжителни санкции за лидерите и бизнисмените во регионот вмешани во криминал, корупција и дестабилизација.
Наместо да се соочиме со овие предизвици преку реформи и приближување кон САД и ЕУ, Мицкоски и неговите соработници избираат пат на изолација, (како Вучиќ во Србија), за да ја зачуваат моќта и да продолжат со пљачката на државата.
На граѓаните на Македонија треба да им биде јасно дека Мицкоски ја враќа државата во времето на Груевски.
Оваа „тендер коалиција“ и влада што ја сочинуваат, е подготвена на сѐ (како што се „мигранти за пари“), за да останат на власт, со тоа штитејќи се себеси од одговорност пред лицето на правдата. Нашата иднина е во Европа и НАТО, а не во сенките на Кремљ. За нас Европа и НАТО немаат алтернатива!“, се наведува во соопштението на СДСМ

