Економија
Анализа на Владата: „Економијата е посилна од било кога“
Тимот на вицепремиерот Анѓушев, заедно со министрите од економските ресори, изработија анализа, базирана на официјални податоци и статистики, информираат од Владата.
Анализата, како што се наведува во владиното соопштение, споредува три сетови од по 8 квартали, односно периодите од јули 2013 до јуни 2015, јули 2015 до јуни 2017 и од јули 2017 до јуни 2019 година.
„Фактите и бројките се непобитни, економијата е посилна од било кога“, заклучуваат од Владата.
Заклучоците од анализата, изнесени во владиното соопштение ги пренесуваме во целост.
„Бројот на нови работни места сега е многу поголем во споредба со периодот 2013 – 2017
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, во Северна Македонија се вработиле 21.111 лица.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, во Северна Македонија се вработиле 40.314 лица.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, во Северна Македонија се вработиле 54.391 лица.
Разликата помеѓу периодот 1 и периодот 3 е +158% зголемување на бројот на вработени лица.
Намалувањето на невработеноста е едно од првите прашања на кои Владата сериозно се посвети. Преку директните мерки на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, и со мерките за поддршка на компаниите и привлекувањето на странските инвестиции, Владата успеа за 2 години да отвори повеќе од 54.000 нови работни места. Со помош на овие политики, Северна Македонија дојде до историски најниската стапка на невработеност од 17,4%.
Како Влада сметаме дека е најважно за сите млади од Северна Македонија е да им обезбедиме добро платена и квалитетна работа, која ќе ги привлече да останат дома. Токму затоа беа отворени многу нови можности за нив преку Агенцијата за млади и спорт и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Просечната плата порасна за 2.297 денари во овие две години, за разлика од растот од само 821 денари во времето на претходната Влада.
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, во Северна Македонија просечната нето-плата пораснала за 821 денари.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, во Северна Македонија просечната нето-плата пораснала за 842 денари.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, во Северна Македонија просечната нето-плата пораснала за 2.297 денари.
Спиралата за раст на платите, започна во август 2017 година со првото покачување на минималната плата на 12.000 денари.
Сега, во ноември 2019 година, следуваше и дополнително покачување на минималната плата на 14.500 денари. Владата започна и мерка за субвенционирање на придонесите за работодавците кои ќе ги покачат платите на своите вработени до 100 евра.
Наставниците на почетокот на 2020 година ќе добијат ново покачување на платите. Лекарите и медицинските сестри веќе добија сериозно покачување. Еден лекар специјалист ќе зема и до 100.000 денари плата. Припадниците на Армијата земаат поголема плата, како и полицијата и пожарникарите.
Цената на струјата е пониска и стабилизирана, во време на претходната влада порасна за 100%
Северна Македонија беше прогласена за „регионален шампион“ за реформи во енергетиката, од Енергетската заедница.
Преку новиот Закон за енергетика и со силните инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата. Денеска, граѓаните плаќаат пониска просечна цена за киловат/час.
Дополнително, ЕСМ своите годишни профити, преку општествено одговорно работење, ги насочува назад кон граѓаните и издвои 40 милиони евра за субвенција на инвертер клими и 24 милиони евра за филтри во Битола.
Отвораме повеќе нови фабрики
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, потпишани се 7 договори за поддршка за градба на фабрики, а отворени се 6 фабрики.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, потпишани се 9 договори за поддршка за градба на фабрики, а отворени се 7 фабрики.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, потпишани се 22 договори за поддршка за градба на фабрики, а отворени се 12 фабрики.
За 2 години, Владата потпиша 34 нови договори за странски и домашни инвестиции. Од нив, 12 фабрики се изградени, а 22 фабрики се во процесот на изградба.
Растат странските инвестиции
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, има 457 милиони евра странски директни инвестиции.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, има 555 милиони евра странски директни инвестиции.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, има 741 милиони евра странски директни инвестиции.
Покрај зголемувањето на домашните инвестиции, Владата се посвети и на зголемување на странските директни инвестиции во Северна Македонија.
За две години, во Северна Македонија се инвестираа 741 милиони евра. За ова се одговорни два фактори: (1) Надминувањето на политичката криза и започнување со работа на нашата одговорна и транспарентна влада и (2) решавањето на сите наши билатерални спорови со соседите и откочувањето на евро-атлантските интеграции. Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции.
Денес, на Северна Македонија се гледа како на безбедна и заштитена земја, мозаик од можности, со Влада која е тука да помогне да се отвори бизнис и да се инвестира.
Раст на индустриското производство
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, има пад од -5,86% на индустриското производство.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, има зголемување од 3,29% на индустриското производство.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, има зголемување на 8,87% на индустриското производство.
Извозот се зголемува
Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, остварен е извоз од 7,4 милијарди евра.
Во периодот од јули 2015 – јуни 2017, остварен е извоз од 8,9 милијарди евра.
Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, остварен е извоз од 11,6 милијарди евра.
Со решавањето на сите отворени билатерални прашања кои ги имаше државата, покажавме дека сме стабилна и безбедна земја. Тоа што е важно да се напомене е дека растот на извозот, придонесува и до слевање на повеќе средства во Буџетот на државата.
Тоа значи повеќе средства за инвестирање назад во човечкиот капитал за следната година.
Резултатите на Владата во овие две години се видливи и опипливи. Владата ќе продолжи да инвестира во силна и стабилна економија, а со тоа и во инвестирање во човечкиот капитал – во граѓаните!
Државата и Владата постојат за граѓаните и наша задача е да враќаме назад кон граѓаните“, наведуваат од Владата во заклучоците од анализата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

