Македонија
Павле Трајанов: Не знам кој ќе ги изгуби изборите, но знам кој ќе победи
Демократскиот сојуз, организираше трибина „Македонија на крстопат“ во Скопје, на која свое обраќање имаше Павле Трајанов, претседател на ДС, кој меѓу другото рече дека, „Демократскиот сојуз е подготвен за претстојните парламентарни избори исе залага за робусна борба против организираниот криминал, владеење на правото и донесување на Програма за запирање на миграцијата, со конкретни мерки“.
Трајанов побара до крај да се расчисти со сите инволвирани во случајот „Рекет“, а за паушалите што ги примале обвинителите од СЈО, да се покрене постапка за одговорност и враќање на парите на граѓаните.
За да се спроведе ветинг, треба да се донесе посебен закон со јасни критериуми и со истиот да бидат опфатени сите институции односно носители на јавни овластувања, порача Трајанов.
Зборувајќи за претстојните парламентарни избори, рече дека не знае кој ќе ги изгуби изборите, но знае дека партиите или коалицијата каде што ќе биде Демократскиот сојуз ќе однесе голема победа.
На трибината зборуваше и Драгана Кипријановска, која нон-пејперот на Франција го оцени како документ кој создава дилеми и во основа го блокира проширувањето на ЕУ.
Порача дека награда и казна се клучните елементи кои треба да се имаат во вид доколку оваа методологија се прифати од ЕУ, а Македонија мора да се реформира и без застој да чекори напред.
Глигор Стоименов, преспанскиот договор го оцени како документ кој ги отвори вратите за влез во НАТО и ЕУ, но неговата имплементација е сврзана со напредокот на Македонија во евроинтеграциските процеси.
На трибината обраќање имаше и Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ, кој зборуваше за тоа дека во изминатите две и пол години донесени се многу тешки и важни одлуки за иднината на Македонија и дека сме на прав пат.
Спасовски очекува поддршка од граѓаните и победа на претстојните парламентарни избори.
На трибината присуствуваа голем број на граѓани кои поставуваа прашања и имаа коментари за актуелните состојби во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

