Македонија
Заев: Со чувство на одговорност да развиваме култура која не прифаќа насилство

Премиерот, Зоран Заев, вчеравечер е обрати на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, во организација на УНДП, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден за запирање на насилството на жената.
„Може да слушнеме безброј причини за сторено насилство, но ниту една причина не е доволна за да биде оправдано, кое било насилство. Ова се однесува и за насилството врз жените и девојчињата, што е наш фокус вечерва. Нема оправдување. Заедно сме во борбата против насилството врз жени и девојчиња. Тука сум, да ја потврдам цврстата определба на Владата на Република Северна Македонија, да се придружи под овогодинешното мото, во означувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жената“, рече премиерот Заев.
Тој констатираше дека е добро што постојат заеднички реакции на институциите и домашните и меѓународните организации за овој постоечки проблем во светски рамки.
„Денеска ја започнуваме и кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ којашто ја покренува и свеста дека за насилството не треба и не смее да се молчи. Крикот се слуша и кога некој молчи. Секој од нас, од институциите, или поединечно, има обврска пред тој Крик, тивок или гласен – да не го одмине, да реагира. Со чувство на одговорност да развиваме култура која не прифаќа насилство“, порача премиерот.
На вчерашниот настан што се одржа во паркот „Жена борец“ присуствуваа и дипломати, претставници на интернационални организации и жени активистки, претставници од граѓански организации од земјава, медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Летање на автопати – приведени двајца за возење над 170, кадешто било дозволено 80 и 100

Вчера во 10 часот полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода А.Р.(19) од с. Синичане, затоа што на автопатот Скопје- Тетово управувал патничко возило „голф“, со тетовски регистерски таблици, со брзина од 171 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е 100 километри на час.
Во 18 часот, пак, на патот Гостивар-Тетово, лишен од слобода е Б.А.(27) од Тетово, кој управувал патничко возило „бмв“, со странски регистерски таблици, со брзина од 173 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е 80 километри на час.
Тие биле задржани во полициска станица и по документирање на случаите, ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно член 297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило”.
Македонија
Филипче: Трудот мора да се вреднува, а гласот на работникот да се слуша

По повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитка до сите работници, истакнувајќи дека СДСМ секогаш бил и останува на страната на работниците.
„1 Мај е ден кога го славиме трудот и достоинството на секој човек што создава, гради, образува, лекува, се жртвува за своето семејство и за нашата земја. Како човек, секогаш сум имал длабока почит кон секој што со својот труд го движи општеството напред. Како претседател на СДСМ, мојата обврска е таа почит да се претвори во реална политика за поддршка на работниците и нивните права,“ изјави Филипче.
Тој потсети дека СДСМ, и во време на власт и денес, останува доследен на вредностите на социјалната правда.
„СДСМ отсекогаш стоел на страната на работниците. Додека бевме на власт, се боревме за покачување на платите, за подобри услови за работа, за сигурност и почит кон секој работник. Сега, и во опозиција, продолжуваме со таа борба,“ истакна тој.
Филипче потенцира дека СДСМ ќе продолжи со борбата за фер плати, сигурни работни места и почитување на трудот.
„Кога сме заедно, кога сме гласни и истрајни — можеме да направиме промени. Овој ден нека не ни биде само празник. Нека биде потсетник дека секој што работи заслужува достоиснствена плата, време за семејството и глас што се слуша. Честит 1 Мај!,“ порача претседателот на СДСМ.
Македонија
ССНМ: Колективните договори се основа за подобрување на работничките права во медиумите

Денот на трудот, 1 Мај, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го одбележува со предупредување/укажување дека новинарите и медиумските работници во Македонија работат во услови на прекаријат каде што само една третина од вработените во медиумите (околу 700 од 2.100) се покриени со колективен договор.
Позитивни и подобрени права по Колективните договори ги ползуваат само вработените во јавниот сектор, односно таканаречените „државни“ медиуми, додека новинарите и медиумските работници во приватниот сектор се уште се соочуваат со низа прекршувања на работничките права и нивна помала заштита.
„Укажуваме дека во услови на ниски плати, каде што речиси 70 проценти од медиумските работници и 50 проценти од новинарите земаат плати под просечната тешко е остварливо начелото на професионално и објективно известување бидејќи само социо-економски обезбедни новинари може да бидат чувари на јавниот интерес. Работа во услови на прекаријат, несигурни работни места, краткорочни договори или само хонорарни договори, непочитување на одредбите за годишен одмор, за работното време, неисплата на прекувремена работа или празнични дневници се уште се болни точки за новинарите и медиумите кои по дефиниција извршуваат работа од јавен интерес која е еден од столбовите за развој на едно демократско општество“, велат од ССНМ.
Овој 1 Мај потсетуваме дека борбата за подобрување на условите за работа, зголемување на ниските плати, навремена исплата на платите и во јавниот и во приватниот сектор, е основа и оди рака под рака со борбата за слобода на изразување и слободно информирање на граѓаните. Борбата е постојана и зависи од здружувањето и заедништвото при инсистирањето за подобрување како на социо-економските услови, така и на условите за професионално и објективно известување.