Црна хроника
Управа за извршување санкции: На телото на починатиот затвореник нема траги на насилство
На телото на починатиот затвореник во Куманово не се пронајдени траги на насилство, а камерите во затворот не снимиле ништо невообичаено. Управата за извршување санкции сопшти дека при редовна утринска проверка на бројноста на осудените лица, припадниците на затворската полиција го забележале осуденото лице Л.Б. во неговиот кревет во позиција како да спие, без знаци на живот. Веднаш била повикана итна медицинска помош, која, за жал, не била во можност ништо да стори, бидејќи лицето веќе било починато, а констатирано е дека немало траги на насилство.
„Потенцираме дека по прегледувањето на снимките од безбедносните камери е констатирано дека во текот на ноќта никој не влегувал во неговата ќелија, т.е. не престојувале други осудени лица со него во истата соба. Воедно, укажуваме дека од страна на лекар лицето било прегледано при приемот во затворот. За време на издршката на казната (која требало да трае една година), затвореникот продолжил да ја прима пропишаната терапија, а лицето ниту еднаш не побарало лекарска помош. Од страна на надлежните институции, сослушани се и останатите лица од соседните ќелии кои потврдиле дека во текот на ноќта затвореникот не побарал лекарска помош, ниту се пожалил на болки“, се вели во соопштението.
Во однос на обвинувањата изнесени од политичката партија Алијанса за Албанците, кои се однесуваат на условите во КПУ „Куманово“, од Управата за извршување санкции укажуваат дека е меѓу поновите затвори во државата, пуштен во употреба во 2013 година, изграден по сите европски стандарди.
„По добивањето на обдукцискиот извештај ќе имаме повеќе информации околу причината за смртта, а во меѓувреме апелираме до политичката партија Алијанса за Албанците да не го политизира случајот“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

