Македонија
Царовска во Кичево: Пензиите во 2020 година ќе ги зголемиме за околу 900 денари

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сретна со пензионерите во Кичево со кои разговараше за претстојното зголемување на пензиите и за другите актуелни прашања. Министерката лично ги информираше пензионерите дека пензискиот систем е стабилен и дека пензиите растеа и ќе продолжат да растат. Исто така, ги информираше за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година, кое ќе изнесува 700 денари за сите пензионери, коешто со дополнителните усогласувања до крајот на годината ќе стигне од 860 до 900 денари.
„Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополнително зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите. Во години на раст на минимална плата над 15%, и на раст на просечна плата за 5%, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5%“, рече Царовска.
Заменик-директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Илија Ивановски, истакна дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици.
„Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10%. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата”, рече Ивановски.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова истакна дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.
„Ако гледаме процентуално најголемо зголемување од 5.8% до 7.8% имаме кај најниските пензиите до 12.000 денари, а најмало 1.5% до 5.8% над 12.000 до највисоките пензии. Пензија до 12.000 денари во моментот во државава примаат 141.766 лица или 43.94% од вкупниот број на пензионери“, рече Трајкова и потенцираше дека во моментот има 322.622 пензионери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.