Македонија
Заев вечерва во Сараево ќе ја прими меѓународната награда „Иса-бег Исаковиќ“

Претседателот на Владата, Зоран Заев, ќе присуствува на свечената академија што ќе се одржи вечерва во Народниот театар во Сараево, а на која е најавено дека ќе му биде доделена меѓународната награда „Иса-бег Исаковиќ“.
Премиерот Заев во Сараево ќе оди со потпретседателот на Собранието, Зекир Рамчиловиќ, претседателот на МАНУ, Таки Фити, пратеникот во Собранието, Ферид Мухиќ, и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ.
Свечената академија ја организира здружението „Клепсидра“, во кое членуваат еминентни претставници на академската заедница во БИХ.
На свечената академија ќе се обрати премиерот Зоран Заев.
На настанот е најавено присуство на многубројни гости од земјата и пошироко, дипломати, академици, личности од општествено-политичкиот живот од БиХ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски: Криминалците управуваат со улиците, МВР не функционира

По трагичниот случај во Прилеп, од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагираат на, како што велат, целосно излезената од контрола безбедносна состојба во државата и бараат итна оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Ќе ги почекаме официјалните информации за конкретниот случај во Прилеп пред да го коментираме, затоа што не сакаме да злоупотребуваме ништо. Но она што е факт е дека луѓето во Македонија веќе една година се убиваат по улици, маала и дури во сопствени домови. Безбедноста е урната, а Тошковски залудно лаже дека е подобрена“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, Македонија се соочува со вистинска ескалација на насилство и криминал.
„Сведоци сме на убиства, престрелки, ликвидации и закани, повеќе од 25 убиства и обиди за убиства само во една година. Слободно се движи оружјето, а нарко-кланови функционираат без препреки. Наместо полицијата да ги спречи, ги штити“, обвини Кузеска.
Таа порача дека државата е парализирана, а криминалците управуваат со улиците, додека „власта со своето молчење и неспособност го дозволува тоа“.
„Пораката што граѓаните ја добиваат денес е дека нивниот живот вреди помалку од политичките амбиции на власта. Тоа е страшна порака“, рече Кузеска, повторувајќи го барањето:
„Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка. Не од морални причини, туку затоа што е неспособен да ја гарантира најосновната должност на државата, безбедноста на своите граѓани“.
Македонија
Полицијата откри што точно се случувало со тројното убиство во Прилеп

Тројца загинати, меѓу кои и 13-годишно дете, е исходот од трагичниот настан што се случи на 12 јули 2025 година во Прилеп, а кој полицијата го води како кривично-правен настан „убиство и самоубиство“. Според официјалните информации од СВР Битола – ОВР Прилеп, сè започнало кога 62-годишниот П.Ѓ. од Прилеп телефонски го поканил својот внук од сестра П.Ч. (43) да дојде во неговиот дом, но со јасна инсистенција да го поведе и својот малолетен син.
П.Ч. ја информирал својата сопруга дека тргнува со детето на гости кај вујкото, по што заминале во непозната насока. Сведоци во близина на куќата на П.Ѓ. потоа слушнале истрели од огнено оружје меѓу 15:30 и 16:00 часот, но немало пријава до полицијата во тој момент.
Како што информира полицијата, во 17:10 часот на фејсбук-профил кој му припаѓа на П.Ѓ. бил објавен статус со сомнителна содржина, во кој ги споменува сестра му и нејзиниот син. Поради содржината, се претпоставува дека објавата била напишана по убиството на П.Ч. и неговото дете.
Кога сопругата на П.Ч. не успеала да ги добие на телефон, самата тргнала до куќата на П.Ѓ. На лице место го затекнала автомобилот на својот сопруг, но и покрај повиците никој не одговарал од внатрешноста. Околу 21:20 часот го пријавила случајот во ОВР Прилеп, укажувајќи дека нејзиниот сопруг и синот веројатно се во куќата на неговиот вујко.
Веднаш по пријавата, полициски службеници се упатиле на ул. „Стеван Апостолоски“ каде по неуспешен обид да добијат одговор на вратата, со наредба од јавен обвинител ја отвориле со употреба на сила. Внатре, П.Ѓ. фрлил рачна бомба кон полицијата која само чадела, но не експлодирала. Потоа започнал да пука кон полициските службеници, кои возвратиле со оган.
Околу 22:40 часот, преку радио врска било пренесено дека се пука од куќата кон полицискиот тим. По кратко време, П.Ѓ. со огнено оружје си го одзел животот.
Во 01:20 часот, во присуство на јавен обвинител, екипи на ОВР Прилеп извршиле увид во куќата. Биле пронајдени чаури, траги од проектили, пиштоли од калибар 9 мм и 7,65 мм, една неексплодирана бомба М93, документи, парични средства, како и имотни договори.
Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на трите тела.