Македонија
Царовска: Општеството треба да го чуе гласот на секое дете

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, имаше воведно обраќање на вториот ден од регионалната конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан“, што се одржува во Скопје.
„Она што сакам денеска да порачам од оваа говорница е дека најважно од сè е вистински да го чуеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи овие гласови се темелите врз кои треба да ги создаваме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде што ќе може безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат“, рече Царовска.
Министерката рече дека насилството е болест на едно општество, која се пренесува од генерација на генерација. Последиците од ваквото заболување се големи и видливи и оставаат траен белег.
„Искоренувањето на насилството од општеството бара посветена, континуирана и координирана работа, бара решителност и искрена желба за подобро утре. Да ги научиме децата од мали кои се нивните права, да научиме како да бидеме подобри родители, да ги поттикнеме заедниците да бидат поддршка наместо пречка“, рече Царовска.
Министерката потенцира дека занемарувањето е најлошата форма на насилство врз децата, а со занемарување се соочуваат сите деца што живеат и растат во институциите. Затоа почнавме обемна реформа и деинституционализација.
„Денес, со гордост можам да кажам дека нема веќе деца до три години во институција, а до крајот на годината сите деца до 18 години ќе бидат сместени во згрижувачки семејства или мали групни домови. Состојбата треба да се подобри и во градинките, каде што децата ги имаат првите чекори во социјализацијата. Затоа, силно инвестираме во зголемување на капацитетите на градинките, но и во квалитетно предучилишно образование“, рече Царовска.
Министерката на крајот од обраќањето ги повика сите институции, но и целото општество, да воспостават систем што бргу ќе реагира и ќе го чуе гласот на секое дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Незгода на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.